Фудбалерите на Интер повторно им приредија нервози на своите навивачи, но на крајот повторно ги израдуваа. „Нероаѕурите“ уште еднаш губеа со 0-2 на својот стадион, но покажаа шампионски карактер и направија голем пресврт.
По минатонеделниот триумф над Наполи со 3-2, Интер вечерва повторно се врати од негатива и славеше против Удинезе во натпревар од четвртото коло во Серија А. Овојпат резултатот беше неверојатни 5-3.
Актуелниот шампион, кој настапи во необични сиви дресови, со новата победа ја стигна Рома на врвот на табелата. Двата тима имаат максимални 12 бода, додека Удинезе останува на четири бода и се наоѓа на 13. позиција.
Во следното коло следува големото дерби на „Олимпико“ меѓу Рома и Интер, а „нероаѕурите“ ќе мора значително да ја подобрат играта во одбраната доколку сакаат да имаат шанси против тимот на Џанпјеро Гасперини.
Првото полувреме на „Џузепе Меаца“ донесе вистинска фудбалска сензација.
Удинезе одлично го отвори натпреварот и успеа да го шокира Интер, поведувајќи со 0-2 уште во 16. минута.
Првиот гол падна во деветтата минута. По корнерот и мешаницата во шеснаесетникот, топката стигна до Унаи Гомес на десната страна. Шпанецот испрати одличен центаршут, а Абанква скокна пред Мануел Аканџи и со глава од линијата на пет метри ја затресе мрежата за 0-1.
Само седум минути подоцна гостите од Удине го удвоија водството.
Дифу направи голема грешка во одбраната, а Дејвис ја искористи ситуацијата, ја освои топката и тргна кон Аканџи. Откако забележа дека во шеснаесетникот втрчува Екеленкамп, ја испрати топката кон петметарскиот простор, а Холанѓанецот од само четири метри го совлада Жозеп Мартинез за 0-2.
Интер во тие моменти делуваше целосно збунето, но беше јасно дека шампионот ќе мора да реагира.
Потребен му беше брз гол за да се врати во натпреварот, а тој стигна во 26. минута. Топката среќно дојде до Карлос Аугусто, кој од околу 30 метри упати вистинска бомба со левата нога и постигна фантастичен гол за 1-2.
Погодокот целосно го разбуди Интер. Домашниот тим стануваше сè поопасен и во 35. минута стигна до израмнување.
По додавањето на Пио Еспозито, Турам и Николо Барела успеаја да ја освојат топката во шеснаесетникот на Удинезе, а Барела одеднаш остана сам на осум метри од голот. Италијанскиот репрезентативец не погреши и прецизно погоди за 2-2.
До паузата Интер можеше целосно да го сврти резултатот, но Барела и Мхитарјан не ги искористија своите големи шанси.
Она што изгледаше неизбежно сепак се случи во второто полувреме – Интер целосно го презеде натпреварот и почна да ја полни мрежата на гостите.
Удинезе практично престана да биде фактор на теренот, а во 57. минута домаќините стигнаа до целосен пресврт.
Барела од својата половина испрати маестрален пас во празниот простор кон десната страна. Диуф како ракета втрча во шеснаесетникот и испрати повратна топка кон својот сонародник Маркус Турам, кој од 12 метри рутински реализираше за 3-2.
Само десет минути подоцна Интер постигна и четврти гол.
Кертис Џонс заврши одлична работа и го проигра Пјотр Зиелински, кој од работ на шеснаесетникот му асистираше на Пио Еспозито. Младиот напаѓач беше немилосрден и од десетина метри погоди за 4-2.
Во 79. минута повторно блесна Барела со уште едно фантастично долго додавање, овојпат кон Федерико Димарко. Следуваше брза комбинација меѓу Еспозито и Диуф, по која топката се одби од дефанзивецот на Удинезе, Кабаеселе, и стигна до резервистот Бони.
Репрезентативецот на Брегот на Слоновата Коска шутираше од десетина метри, но Окоје успеа да одбрани. Сепак, Бони остана присебен, ја собра одбиената топка и од пет метри ја испрати во мрежата за 5-2.
Удинезе успеа да го ублажи поразот во 91. минута преку Идриса Геје, кој ги постави конечните 5-3.
Интер и Рома во одлична форма го пречекуваат големото дерби, особено кога станува збор за нападот. Сега останува да се види кој ќе излезе како победник од пресметката на „Олимпико“ в сабота од 18 часот.
-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА
Шкендија Тетово не успеа да слави на дуелот со Шкендија Арачиново (1-1), а тоа...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ на колото: Горан Закариќ (Вардар)
Најдобрите знаат да блеснат кога е најтешко и да го поведат тимот напред. Не...
Автор makfudbal













