Connect with us

Инфантино побарал помош од Трамп, ама тој не му се јавувал

Притисокот врз претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, продолжува да расте. Додека се соочува со сè погласни критики и повици за оставка, Швајцарецот, според ексклузивни информации на американскиот „Њујорк пост“, се обидува да обезбеди политичка поддршка од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Весникот наведува дека Инфантино планирал приватни разговори со државниот секретар на САД, Марко Рубио, надевајќи се дека ќе добие поддршка за да остане на чело на светската фудбалска организација. Познато е дека Инфантино има добри односи со Трамп и сака да ги искористи тие врски во момент кога неговата позиција е сериозно разнишана.

Иако досега јавно оставаше впечаток дека е сигурен во својата иднина, најновите информации од САД сугерираат поинаква слика. Бројните критики што ги доби поради обидот да го приватизира Светското првенство преку контроверзниот проект „ФИФА Форвард Ентерпрајз“, како и другите скандали што ја следат ФИФА ова лето, сериозно ја довеле во прашање неговата иднина.

Два извори запознаени со случајот за „Њујорк пост“ потврдиле дека Инфантино сакал уште во понеделник да разговара со Рубио.

„Тој сакаше да се поврзе со државниот секретар за да разговараат за тоа како фудбалот може да биде средство за културно влијание и ‘мека моќ’ на САД. Но, сите знаеме дека станува збор за спасување на неговата функција. Во моментов не се работи за ништо друго“, изјавил еден од изворите.

Втор извор тврди дека Инфантино се чувствува „изолиран“ поради бранот негативни реакции во јавноста и дека активно бара влијателни сојузници кои би му дале јавна поддршка. Истиот извор открива дека Инфантино повеќепати безуспешно се обидувал телефонски да стапи во контакт со Доналд Трамп, откако неговиот план за продажба на дел од комерцијалните права на Светското првенство на приватни инвеститори пропаднал по жестоките реакции, особено од УЕФА и КОНКАКАФ.

Незадоволството, според извештајот, не доаѓа само од надвор. Во самата ФИФА наводно расте отпорот кон неговото раководење, а еден висок функционер за „Њујорк пост“ изјавил дека дел од вработените работат на иницијатива со кодно име „Проект Убиј го чудовиштето“, чија цел е смена на Инфантино од претседателската функција.

Во центарот на целата контроверзија е пропаднатиот проект „ФИФА Форвард Ентерпрајз“, нова компанија преку која требаше да се управува со комерцијалните права на Светското првенство. Според планот, инвестицискиот фонд „Трајв Кепитал“, предводен од Џош Кушнер – помладиот брат на Џаред Кушнер, зетот на Доналд Трамп – требаше да купи 20 проценти од компанијата за повеќе од четири милијарди долари. По силниот отпор од фудбалската јавност и националните федерации, тој проект беше повлечен.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови