Connect with us

Инфантино најави ново проширување: Светското првенство во иднина може да брои 64 репрезентации

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, најави дека Светското првенство во иднина би можело повторно да биде проширено, со можност на најголемата фудбалска сцена да настапуваат дури 64 национални тимови.

Првиот човек на светската фудбалска организација откри дека идејата за дополнително зголемување на бројот на учесници „дефинитивно“ треба да биде разгледана по завршувањето на актуелниот Мундијал.

Светското првенство во 2026 година првпат се игра со 48 репрезентации, а новиот формат донесе и дополнителна елиминациска рунда – шеснаесетфинале. Во оваа фаза се пласираа и осум селекции кои завршија на третото место во своите групи.

Според Инфантино, проширувањето на 64 репрезентации не би значело дополнително оптоварување за тимовите, бидејќи би можел да се врати системот во кој само првите две селекции од секоја група би обезбедувале пласман во следната фаза. Во таков случај би имало 16 групи со по четири репрезентации.

„Целиот свет треба да има можност да сонува за настап на Светското првенство, а не само Европа и Јужна Америка“, изјави Инфантино за швајцарскиот медиум „Блу Спорт“.

И покрај претходните критики дека зголемувањето на бројот на учесници може да го намали квалитетот на турнирот, Инфантино смета дека актуелниот формат е успешен.

„Проширувањето е огромен успех. Може да се види дека квалитетот на репрезентациите е исклучително висок и дека постојано расте низ целиот свет“, порача претседателот на ФИФА.

Поради новиот формат, Светското првенство во 2026 година има рекордни 104 натпревари кои се играат во период од пет недели. Доколку бројот на учесници се зголеми на 64, турнирот би имал вкупно 128 натпревари.

Следното Светско првенство во 2030 година ќе се одржи во Шпанија, Португалија и Мароко.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови