Connect with us

(ИН)ДИРЕКТ: Лесно е да бидеш Динамо….на муабет!

Динамо Загреб е сензација во европскиот фудбал откако херојски го елиминира Тотенхем од Лигата на Европа. Сите пофалби за „модрите“, нам ни се посебно драги оти сепак покажуваат дека и помалите можат да остварат големи успеси со посветеност, вложување и работа, а во своите редови имаат и двајца македонски репрезентативци Аријан Адеми и Стефан Ристовски.


Радоста е разбирлива, секако и гордоста дека ете и Македонија преку репрезентативците е дел од успехот. Но, Македонците не би биле тоа што се, ако не го релативизираат патот до успехот. На муабет, лесно е да бидеш Динамо Загреб.

Еден од клубовите од „големата четворка“ на екс-Југославија, уште од тој период беше голем клуб. Многу, многу, многу поголем од сите што и денеска егзистираат во Македонија. И најважно од се…успеа најдобро од сите на Балканот да се престрои во суровата капиталистичка транзиција. Зад него изминатите 20 години стојат браќата Мамиќ, кои пред неколку дена добија и правосилни затворски казни за одлевање пари од клубот, но мора да им се признае дека се, посебно Здравко Мамиќ, и мајстори за правење пари во фудбалот.

А за да направиш пари, и во фудбалот, како и во секој друг бизнис, треба прво сериозно добро и да инвестираш. Тука е клучната поента на оваа теза…„Лесно е да бидеш Динамо, ама на фејсбук муабет!“
Динамо Загреб има неверојатна скаутинг мрежа развиена низ Европа, но и во Јужна Америка. Ги плаќа фудбалерите (читај: Стефан Ристовски) колку што вложува годишно еден македонски фудбалски клуб. Има годишен буџет од околу 30 милиони евра, односно двапати повеќе од фамозната ФФМ на која сите овде во Македонија и ги бројат парите и сонуваат да ги трошат.

ЗА ДА ВОДИШ ФУДБАЛСКИ КЛУБ – ТРЕБА ДА РАЗБИРАШ ФУДБАЛ И БИЗНИС

За крај, треба и да разбираш фудбал – за да водиш фудбалски клуб. Ова е вистинита приказна. Заедно со уште еден колега, и со некогашно раководство на Вардар, бевме гости на Град Загреб и имавме можност да бидеме гости неколку часа на Динамо Загреб. Вардар сакаше да го покани хрватскиот клуб на гости во Скопје, на пријателски меч за јубилеен роденден.

Не пречека Зоран Мамиќ, кој тогаш беше спортски директор. Веднаш откако Вардар ја кажа намерата, тој отиде во соседната канцеларија, го зеде календарот и рече… Можеме да ви гостуваме во три термини…тој, тој или тој датум.

Здравко Мамиќ имаше важен бизнис состанок во „синиот салон“. Излезе на десетина минути, ги поздрави гостите од Скопје, насловувајќи ги „пријатељи драги“ и рече дека Динамо Загреб има многу навивачи во Македонија и самиот клуб ќе ги сноси сите трошоци за патувањето и сместувањето, затоа што сака по долги години да одигра меч „таму доле каде сонцето сјае“.

На крајот, Динамо Загреб не дојде во Скопје затоа што Вардар, како и секогаш, има свои внатрешни организациски проблеми. И договорот за пријателски меч за јубилејот остана – само на муабет.

Во тој период, Андреј Крамариќ, кој сега е голгетер на Хофенхајм, беше млад играч и резерва во Динамо Загреб. Постоеше можност Вардар да го земе на позајмица, да добие минутажа, фудбалерот бараше излез од клупата за резерви на Динамо. Арно ама, Вардар не знаеше да го земе, а Динамо Загреб беше согласен да плаќа и понатаму 80% од неговата плата.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови