Connect with us

(ИН)ДИРЕКТ: Горди Македонци, емоции до небо, но и три порази на ЕВРО

Сонот наш од детство – заврши. Уживавме во секој момент од Европското првенство, првото историско учество на Македонија на најголемото континентално натпреварување. Емоции до него, 75.000 литри пиво во Букурешт, химната македонска пуштена на најјако среде Европа. На крајот и величествено збогум за најголемиот македонски фудбалер во историјата, Горан Пандев. Заминува и најуспешниот селектор во историјата, Игор Ангеловски.


Беше гордост да се биде Македонец на Европското првенство, и во Букурешт и во Амстердам. Ја имав среќата да го доживеам на лице место, да известувам за мојата Македонија од Европско. Искрено, рака на срце, пред 25 години кога почнав да чукам на тастатура во „Скок“, тоа не беше ниту тема на разговор, дека Македонија некогаш, кога и да е, би можела да биде дел од одбраното фудбалско друштво во Европа.


Оваа генерација фудбалери чиј лидер беше легендарниот Горан Пандев, а предводена од Игор Ангеловски, тоа го оствари. На Македонија и го подари најголемото можно спортско задоволство. Да се расплачеш од среќа кога сите заедно ја пееме химната во Букурешт и во Амстердам, да станеш и да аплаудираш кога сите заедно, сплотени и емотивни, фудбалерите направија шпалир за да помине големиот Горан Пандев и да замине во легендите.

Дај Боже некој некогаш да успее и да му доближи според оствареното во кариерата. На 38 години, постигна победнички гол за пласман на ЕВРО и потоа го постигна првиот гол на Европското првенство. Го изнуди и вториот, со оглед дека имаше пенал над него.

Да ги оставиме малку емоциите на страна, иако уште долго ќе не обземаат и ќе се сеќаваме. И на настапот на Македонија на Европско, и на заминувањето на македонската фудбалска икона. Емоциите прават илузија, чувствата ја заматуваат реалноста.

Мора да знаеме, и да (си) признаеме, дека Македонија освен учеството на Европско, кое само по себе секако е огромен успех, фудбалски не понуди премногу на самиот турнир. Беше достојна, се бореше, но и можеше добро да увиди дека во Европа се игра многу, многу поквалитетен фудбал, од онаа Лига на нации преку која селекцијата на Игор Ангеловски го изоде патот до остварување на сонот.


Тркачки бевме инфериорни, физички исто така, македонските фудбалери паѓаа и се одбиваа од противниците, единствено Горан Пандев и на 38 години е класа која може рамноправно да се носи во оваа конкуренција. Воодушевија секако и македонските навивачи, а на голот и Столе Димитриевски.

Македонија покажа огромна желба, борбеност, емоции, но се виде дека тоа и не е доволно за да се оствари резултат на Европско првенство. Затоа што тоа, впрочем, го имаат и сите други…ја пејат химната заедно и силно, имаат навивачи, имаат елан и енергија. Кога ќе почне натпреварот – потребно е фудбалско знаење и тактика да се надмудри ривалот.

Селекторот Игор Ангеловски се реши за импривизација, го врати Стефан Ристовски на стопер, а го „жртвуваше“ Бобан Николов на десен бек. Немавме одговор за силата на Марко Арнаутовиќ, за луцидноста на Андриј Јармоленко, за брзината и техниката на Мемфис Депај. Во средниот ред, Аријан Адеми беше премногу посветен во дефанзивниот дел, кај Енис Барди остави голем белег проблемот со коронавирусот, на Елиф Елмас му е потребно уште многу искуство за да прерасне во вистински лидер на националниот тим.

Најважно од се, на Македонија на ЕВРО и недостигаше континуитет во играта. На моменти блескавме, покажавме дека имаме квалитет и дека заслужено сме меѓу елитата, но ако не го задржите нивото 90 минути, силните ривали тоа знаат да го казнат „а ла минут“.

Непроценливо искуство, голема гордост, уживање за нацијата, но Европското првенство треба да биде поттик и да се продолжи со напорна работа во континуитет. Ќе биде уште потешко без легендарниот Горан Пандев, кој несомнено го даваше тој европски квалитет во македонската репрезентација, а сега неговите наследници ќе треба и да го земат на свои плеќи товарот што речиси две децении го носеше Гранде Пандев.

Малата Македонија која мисли дека е „најдобра во Европа“ и има 2 милиони селектори, увиде дека во Европа не се игра фудбал само со патриотски набој и со максимална мотивираност. Потребен е европски квалитет – тркачки, технички, тактички, организациски. Поголем дел од овие сегменти на Македонија и недостигаат, треба уште многу да ги подобрува, ако сака да го достигне нивото на подобрите од неа во Европа.

Заминува и селекторот Игор Ангеловски. Направи огромен успех, го оствари сонот свој и на сите Македонци, го реализира тоа што го најави пред пет и пол години кога дојде – ја одведе Македонија на Европско. Но, на Европското увиде и дека имаше репрезентацијата голема среќа и треба да му благодари на Мишел Платини (екс претседателот на УЕФА) за проектот да им даде шанса и на помалите селекции преку Лигата на нации да се израдуваат на настап на ЕВРО.


На Европско, се увидоа сите аномалии во играта, сите селекторски потези кои можеби и мораше да ги импровизира со оглед на ростерот со кој располага. Поведе на Европско 26 репрезентативци, а половината беа само – гледачи. Јасно е, го немаат квалитетот за да бидат конкурентни со најдобрите фудбалери во Европа. Едниот е бавен, другиот е технички непоткован, третиот не игра во својот клуб. А од сите кои ги имаше на располагање, ниту еден не игра во Лигата на шампионите. Токму таму, и само таму, се игра врвниот фудбал каков што е потребно и Македонија да го игра за да може да се надева на нешто повеќе и на Европско првенство.

Advertisement

Facebook

Тимови