Connect with us

(ИН)ДИРЕКТ: Фабијани, очигледно, не е тренер за Вардар – нека „пали“ за Аргентина !

Можеби Кристијан Фабијани е Аргентинец, можеби и бил квалитетен фудбалер, меѓутоа повеќе од очигледно е дека тој не е тренер што може да го предводи Вардар. Едноставно, нема капацитет! Јасно е ова, премногу очигледно, според досегашните резултати – клучни порази на домашен терен на Арената, и играта што ја прикажува тимот што го презеде како шампионски од Гоце Седлоски.

Успеа да ги испреврти коцките од мозаикот толку многу, што Вардар е непрепознатлив.

Иако најави дека Аргентинците како негови сонародници нема да имаат никакви привилегии за да бидат во стартниот тим, може да си ги носи назад дома во Аргентина и Иан Пулеио и Диего Кастањеда. Не се тие толку многу квалитетни, да речеме класа или две над Македонците кои ја греат клупата, како Димитар Тодоровски, Михаил Маневски, Димитар Данев.

Лани Вардар доминираше на физички план, ги наттрчуваше ривалите, успеваше да стигне до победа на многу натпревари и во судиското продолжение. Овој сегашен Вардар е „издишан“ по само едно полувреме, или пак имаше огромни падови во играта во продолженијата, на европските натпревари против КуПС и против Рига на гости. Нема идеја, нема креација, нема ниту самодоверба во играта. Нема – ништо!

Вардар ги загуби сите три важни натпревари дома од стартот на сезоната, против КуПС, против Рига и сега против Шкендија. Време е Кристијан Фабијани да добие отказ, да ги собере со него и Аргентинците, а Миленко Неделковски да се разбуди од сонот за „аргентински Вардар“ и да се врати во македонската реалност. А таа не се одвива на профили на фејсбук, туку на Арената „Тодор Проески“, каде Вардар реди клучни порази.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови