Connect with us

(ИН)ДИРЕКТ: „Детска градинка“ пред Европско првенство

Фудбалерите играат „бззз“ пред секој тренинг. Делува интересно, европските медиуми го пренесоа, не знаеш дали ни се смеат или ни се чудат, но дефинитивно е детален приказ на тоа што се случува на релација Репрезентација – Фудбалска федерација. Вистинска „детска градинка“ во која и наставникот Горан Пандев има голема улога. И време е…крајно време (со оглед дека СЕГА Е ВАШЕ ВРЕМЕ) да се стави крај на „детските играрии“ пред да биде предоцна пред Европското првенство.


Еден од новинарите кој две децении го следи националниот тим и најчесто патува со нив на најголемиот дел од натпреварите, без да пропушти ниту еден домашен репрезентативен натпревар, треба да го прочитате со должно внимание. Не ви мисли лошо, затоа што СИТЕ НИЕ сме Македонија. Вие играте, сите ние навиваме и си ја сакаме репрезентацијата.

Прво и со врвен приоритет. Секоја чест за фудбалерите и стручниот штаб за остварениот сон на Македонец, нашата репрезентација да биде дел од Европско првенство, да лепиме сликички од нашите во албумот на „Панини“. Заслугата е само ваша, за тоа секогаш ќе имате место во историјата, сите ќе ви се поклонуваат. Но, не мора да претерувате, да се изживувате сега со луѓе, да ги „ругате“ портпаролите, да им се лутите на новинарите дека демек ве цензурирале, уште помалку пак да се дрзнувате ВИЕ да кажувате кој, каде и колку треба да добие премија.

Да бидам јасен, перверзно е што ФФМ подели премија и на членовите на УО. Но, перверзно голема беше и премијата што ја добија фудбалерите. И на неверојатно перверзен начин сите се испокаравте заради тие фамозни премии.

Овој земал повеќе од оној, другиот требаше помалку, на овој да му додадевте уште малку. Тој си „упика“ свои, јас не го потпишав овој список, колку ли „украдоа“ од нашите за да им поделат на нивните…
Уште малку ќе дојде ДА ВИ КАЖЕМЕ…Е, па, подобро да не се пласиравте. Ќе останевте сите „суви“, ама барем ќе бевте (многу по)мудри.

Има некои инсинуации дека се „цензурирани“ селекторот Игор Ангеловски и капитенот Горан Пандев. Да бидеме чесни, сите дадовте интервјуа, кој повеќе, кој помалку, а во дел од нив и премногу претеравте со изјавите. Газите по индивидуи, личности, функции…Горан Пандев дури се дрзна и по новинарите. Ете јас не го цензурирав, ама тој во едно јутјуб видевце си кажа дека имало повластени, корупмирани, новинари кои летале во бизнис класа. Имиња, уште немаме…

Малку треба и да одите по земја, мислам дека успехот малку повеќе ВЕ КРЕНА во воздух. Македонија е ова, во божества не веруваме премногу, иако јас лично ви напишав, победете и ќе бидете бесмртни…Сега кога сте спортски бесмртни, потрудете се и за малку повеќе човечност, и застанете во ред. Гледам јас дека сите вие во авион ги качувате и нозете на седишта, до главата на тие што седат до вас, а не е тоа одраз на некоја посебна култура. И не е кој колку пари „направил“ во животот, има нешто и во образованието, домашната култура, односот кон познаниците, пријателите и соработниците.

Фудбалерите се за да играат фудбал, да зборуваат најмногу на теренот, тренерите се величаат по резултатите, а раководството е да управува. И да дели пари…што Македонија ги освои со пласманот на Европското првенство.
И уште нешто за Горан Пандев. Репрезентацијата ако е светост, не се меша со клубот каде си газда, ниту зависи од тоа кој е претседател на ФФМ.

Ти пишувам тебе, затоа што ти си икона на Македонија, тебе ти се слуша зборот, тебе сите те величиме, ама сега со оглед дека доаѓа Европското…време е „детската градинка“ да престане. Оти потоа доаѓа пензијата и сите сакаме само по убаво да ве помниме. Имало во минатото многу мајмунлаци во репрезентацијата, и премирање, и пари земање, и шамари мавање, и тетки шетање….Ама ај да не се правиме сега светци, оти ниеден од нас не е. И да, СИТЕ ЗАЕДНО СМЕ МАКЕДОНИЈА, што ќе игра на Европско.

А мене, да ви кажам искрено, ми смета Гоче да не збори со Дени, Мрме да нејќе да го види Џенгис, портпаролите да ви се криви, или новинарите кога ќе ви напишеле дека сте играле слабо, а седеле пред вас, лево, десно или напред во авионот.

И убаво е да не сакате да земете премија за пораз, меѓутоа не и да мавате под појас. И јас не сакам да си поделат во Управен одбор, ама можевте, да ја донирате во борбата против Ковид-19. Во болнициве умираат луѓе, секој ден има по нови 1500 заболени…

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови