Connect with us

Херојот на Австралијците поминал низ пекол пред да игра на Мундијал – бегалски кампови, војна, и фудбалски сон што стана јаве

Австралија славеше победа од 2-0 против Турција на отворањето на Светското првенство, а во центарот на вниманието се најде младиот напаѓач Нестори Иранкунда, кој со својот гол го отвори патот кон триумфот на „кенгурите“.

За повеќето гледачи тоа беше само уште еден погодок на најголемата фудбалска сцена. За Иранкунда, пак, тој момент имаше многу подлабоко значење.

Неговата животна приказна започнува далеку од светлата на големите стадиони. Роден е во Танзанија, во семејство кое поради воените конфликти било принудено да избега од Бурунди.

Првите години од животот ги минал во бегалски камп, опкружен со неизвесност и услови кои немаат ништо заедничко со професионалниот спорт. Немало модерни терени, врвна опрема или престижни академии. Имало само топка и момче кое секоја слободна минута ја користело за да игра фудбал.

Подоцна неговото семејство добило можност за нов почеток во Австралија, преселба што целосно му го променила животот. Набргу станало јасно дека поседува исклучителен талент. Неговата брзина, експлозивност и способност да создава опасност пред противничкиот гол го издвојувале од врсниците.

Чекор по чекор напредувал низ младинските категории и го привлекол вниманието на европските скаути. Големите клубови почнале внимателно да го следат неговиот развој, а пред две години пристигнал повикот за кој сонуваат милиони млади фудбалери.

Иранкунда потпиша за Баерн Минхен. Иако не успеа да се наметне во првиот тим на баварскиот гигант, неговата европска авантура не заврши неуспешно.

Кариерата ја продолжи во Вотфорд, каде минатата сезона забележа 40 настапи, четири гола и пет асистенции. Неговиот развој продолжи во вистинска насока, а настапите за австралиската репрезентација покажуваат дека пред него стои светла иднина.

Голот против Турција е само уште една потврда за тоа. Од момче кое ги поминало првите денови од животот во бегалски камп до фудбалер што постигнува голови на најголемата светска сцена – патување кое инспирира и потсетува дека најголемите спортски приказни честопати започнуваат на најнеочекуваните места.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови