Connect with us

Херера беше стрелец за Борац Бања Лука – за пласман во групите од Конференциската лига

Себастијан Херера повторно беше еден од хероите на Борац Бања Лука, откако македонскиот репрезентативец постигна важен гол за пласман на босанскиот тим во лигашката фаза од Конференциската лига.

Борац во реваншот против Викингур Рејкјавик влезе со огромна предност од 3-1 од првиот натпревар, но работите не се одвиваа според очекувањата во првото полувреме. Исландскиот тим успеа да поведе, со што внесе неизвесност во дуелот.

Тогаш на сцена стапи Херера.

Во 55. минута левиот бек презеде одговорност од слободен удар и со прецизен шут ја затресе мрежата за 1-1. Со тој погодок практично беа отстранети сите дилеми околу патникот во следната фаза, а Борац до крајот постигна уште два гола за победа од 3-1.

Така, босанскиот претставник со вкупен резултат 6-2 го елиминираше Викингур и обезбеди пласман во лигашката фаза од Конференциската лига, што за клубот е втор настап во оваа фаза од натпреварувањето во историјата.

На клупата за резерви на Борац беше и македонскиот голман Дамјан Шишковски, кој сепак не доби можност за настап.

Пласман во лигашката фаза од Конференциската лига претходно обезбеди и Елмин Растодер со Панатинаикос. Грчкиот клуб по голема драма го совлада Храдец Кралове со 2-1 по продолженијата, откако победничкиот гол го постигна во 120. минута.

Така, македонските интернационалци имаа причина за славје во европските квалификации, а Херера со својот погодок одигра клучна улога во историскиот успех на Борац.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови