Баерн Минхен е сè поблиску до договор со Хари Кејн за продолжување на соработката. Иако преговорите траат веќе подолг период, од Англија пристигнуваат информации дека во Минхен расте оптимизмот дека капитенот на англиската репрезентација ќе остане на „Алијанц Арена“.
Двете страни разговараат со месеци, но во текот на летото преговорите добиле дополнителен интензитет. Баерн сака што поскоро да ја затвори оваа тема, особено затоа што актуелниот договор на Кејн истекува во 2027 година.
Според информациите, германскиот шампион дури посакува новиот договор да биде потпишан за време на следната репрезентативна пауза. Првичниот план бил целата работа да биде завршена уште во текот на летото, но преговорите се одолговлекле.
Кејн, од своја страна, не брзал со одлуката. Неговиот тим внимателно ги разгледувал сите можни опции во случај Англичанецот да реши да го напушти Минхен.
Една од нив била Саудиска Арабија. Ал-Хилал во еден момент го означил Кејн како главна трансферна цел и разговарал со неговите претставници, меѓу кои и неговиот брат и агент Чарли Кејн. Сепак, оваа опција никогаш не изгледала особено реално, а клубот на крајот се насочил кон Оли Воткинс.
Многу поатрактивни би биле опциите за враќање во Премиер-лигата. Манчестер Јунајтед и Тотенхем би можеле да се обидат да го доведат искусниот напаѓач, додека како можна дестинација се споменува и Шпанија.
Реал Мадрид одамна го цени Кејн, но со Килијан Мбапе како главна ѕвезда во нападот, ситуацијата на „Сантијаго Бернабеу“ не изгледа едноставно.
Барселона, пак, би можела да биде многу посериозна опција. Каталонскиот гигант во 2027 година би можел да бара нов класичен напаѓач, а Кејн како слободен фудбалер би бил исклучително атрактивно решение. Приоритет на Барселона наводно е Хулијан Алварез, но евентуалниот трансфер на Аргентинецот би бил исклучително сложен.
Сепак, сите овие сценарија во моментов се во втор план.
Во Баерн веруваат дека Кејн сака да остане дел од проектот и дека неговиот однос со клубот е одличен. Дополнителна причина за оптимизам е и неговата фантастична форма. Англичанецот неодамна стигна до јубилејните 100 голови во Бундес-лигата.
Откако пристигна во Минхен, Кејн одигра 153 натпревари за Баерн, на кои постигна неверојатни 150 голови и запиша 34 асистенции.
-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА
Шкендија Тетово не успеа да слави на дуелот со Шкендија Арачиново (1-1), а тоа...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ на колото: Горан Закариќ (Вардар)
Најдобрите знаат да блеснат кога е најтешко и да го поведат тимот напред. Не...
Автор makfudbal













