Connect with us

Хаосот во Италија продолжува: Малдини си замина, Манчини и Конте повторно главни кандидати

Амбициозниот план на Паоло Малдини за целосна реконструкција на италијанската репрезентација доживеа брз крај. Наместо ново лице на клупата на „аѕурите“, Италија повторно се враќа на добро познатата дилема – Роберто Манчини или Антонио Конте.

Само четири дена по прес-конференцијата на која беше претставен проектот за иднината на италијанскиот фудбал и само 16 дена по нивното именување, техничкиот директор Паоло Малдини и специјалниот советник Леонардо ги напуштија своите функции, оставајќи ја федерацијата повторно во неизвесност.

Малдини и неговиот тим имаа големи планови. Првата желба биле Карло Анчелоти и Пеп Гвардиола, но двајцата ја одбиле понудата. Потоа изборот паднал на Андреа Пирло, но неговото назначување било стопирано поради силниот притисок од јавноста, поврзан со неговата улога како глобален амбасадор на руската обложувалница „Фонбет“.

Според информациите на „Спорт Медиасет“ и „Скај Спорт Италија“, по оставките на Малдини и Леонардо, процесот повторно се враќа на почеток. Претседателот на Италијанската фудбалска федерација, Џовани Малаго, го фаворизира враќањето на Роберто Манчини, додека клубовите од Серија А силно лобираат за Антонио Конте.

И двајцата имаат богато селекторско искуство со националниот тим. Конте ја предводеше Италија од 2014 до 2016 година, а Манчини ја донесе европската титула на ЕВРО 2020, пред неочекувано да се повлече од функцијата во летото 2023 година.

Во моментов и двајцата се без клуб. Конте спогодбено се раздели со Наполи по две сезони, додека Манчини неодамна го напушти Ал-Сад по краткиот ангажман на клупата на репрезентацијата на Саудиска Арабија.

Следните денови би можеле да бидат клучни за изборот на нов селектор, но едно е јасно – италијанскиот фудбал повторно се наоѓа во период на голема неизвесност.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови