Connect with us

Гвардиола: Родри, Педри и Јамал се клучот за победа над Аргентина

Поранешниот менаџер на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, кој по десет години го напушти англискиот шампион, зборуваше за претстојното финале на Светското првенство, но и за својата иднина.

Шпанскиот стратег истакна дека нема да навива за ниту една репрезентација во финалето меѓу Шпанија и Аргентина, иако призна дека би му било драго титулата да ја освои аргентинскиот состав поради фудбалерите со кои соработувал.

„На Светското првенство не навивам за конкретна репрезентација. Ги следам тимовите во кои настапуваат играчи што ги ценам и со кои сум работел. Секако дека ќе навивам за нив, а поради тоа би ми било мило Аргентина да стане светски шампион“, изјави Гвардиола.

Сепак, тој смета дека Шпанија има сериозни шанси да ја освои титулата, доколку нејзините главни адути одиграат на препознатливото ниво.

„За Шпанија ќе биде клучно Родри да одигра врвен натпревар, заедно со Педри и Ламин Јамал. Ламин пристигна на турнирот со нешто послаба физичка подготвеност поради неодамнешните повреди, но ако се земе предвид неговата возраст, неверојатно е како се справува со притисокот. Тој е играч што може сам да реши натпревар“, нагласи Гвардиола.

Осврнувајќи се на својата иднина, искусниот тренер потсети дека тренерската кариера ја започнал на 37-годишна возраст во Барселона, а денес има 56 години.

„Потребни ми се нови предизвици. Во овој момент навистина сум среќен што сум надвор од центарот на вниманието“, рече тој.

И покрај тоа, Гвардиола не ја исклучи можноста еден ден повторно да се врати во Манчестер Сити.

„Секако дека еден ден повторно ќе бидам на „Етихад“. Но, сега сакам да бидам во позадина. Ако му бидам потребен на клубот, секогаш ќе бидам тука“, порача Шпанецот.

На крајот, Гвардиола уште еднаш го посочи Јирген Клоп како свој најголем тренерски ривал.

„Без дилема, тоа е Јирген Клоп. Имаше способност да го менува системот на игра на секои дваесет минути и со тоа буквално ме излудуваше“, призна Гвардиола.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови