Connect with us

Гурузета донесе триумф за Атлетик Билбао, реми за Валенсија против Мајорка

Атлетик Билбао забележа минимална победа од 1-0 против Осасуна на домашен терен, во натпревар од големо значење за борбата за излез во европските купови.


Тимот предводен од Ернесто Валверде дојде до трите бода со погодок во 16. минута. По ударот на Вилијамс, топката се одби во шеснаесетникот, каде најбрз беше Горка Гурузета, кој ја затресе мрежата на гостите.


Осасуна имаше голема шанса за израмнување на стартот од второто полувреме, кога беше досуден пенал по игра со рака на Алварез, но Унаи Симон го прочита ударот на Будимир и го сочува водството за својот тим.


Во завршницата, домашните останаа со играч помалку по исклучувањето на Хаурегисар во судиското продолжение, но резултатот остана непроменет. Со оваа победа, Билбао се наоѓа на деветтата позиција со 41 бод, три помалку од Селта Виго која е на последното место што води во Европа. Осасуна е веднаш зад нив со 39 бодови.


Мајорка и Валенсија одиграа нерешено 1-1. Тоа е важен бод за тимот на Столе Димитриевски.
Мајорка прва дојде до предност преку Саму Коста, кој во 49. минута погоди со глава по прецизен центаршут од Серхи Дардер.


Сепак, гостите се вратија во игра во 67. минута кога Умар Садик искористи добро додавање од Гера и го постави конечниот резултат 1-1.


Со овој бод, Валенсија остана со минимална предност пред Мајорка и моментално се наоѓа на 13. место со 36 бодови.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови