Connect with us

Голем скандал во Турција: Претседателот на Фенербахче со позитивен тест на кокаин

Претседателот на Фенербахче, Садетин Саран, според турското издание „Фанатик“, добил позитивен тест за кокаин. Во Истанбул се води истрага за ширење на дрога, поради што била земен тест од косата на првиот човек на „фенерите“, која покажала позитивен резултат. Извештајот веќе е испратен до Главното обвинителство во Истанбул.

Во рамките на истрагата, Саран минатиот петок бил повикан да даде исказ за обвиненијата за „обезбедување на дрога, користење на дрога и олеснување на користење на дрога“. Судот го ослободил, но со мерка за судска контрола – забрана за патување во странство.

Саран излезе со официјално соопштение во кое категорично негира дека некогаш употребувал кокаин:

„Ова утро почувствував потреба да ја информирам јавноста во врска со објавените медиумски информации. Прво и најважно, сакам јасно и недвосмислено да кажам дека супстанцата за која се тврди дека тестот на Институтот за судска медицина е позитивен, никогаш не сум ја користел во животот. Дури ни не сум ја видел одблизу. Овие тврдења претставуваат отворена кампања за омаловажување насочена кон мене, со цел да ми се наштети лично и да се дискредитираат институциите што ги претставувам“, напиша Саран.

„Во текот на овој процес сакам да нагласам дека сум подготвен веднаш и без двоумење да обезбедам било какви нови тестови. Во овој контекст, повторно тестирање во Институтот за судска медицина ќе биде официјално побарано од обвинителството што ја води истрагата. Дополнително, сите поврзани тестови ќе бидат извршени што е можно побрзо во независни лаборатории со меѓународна акредитација, а резултатите ќе бидат презентирани на јавноста. Повторно, сакам да нагласам дека немам никакви сомнежи дека вистината ќе се утврди преку научни методи, согласно универзалните стандарди“, додаде тој.

„Од друга страна, фактот дека информации поврзани со предмет за кој е донесена одлука за доверливост, беа координирано објавени во некои медиуми веднаш од првите часови кога наводно излезе тестот, е сериозен факт кој бара посебна и внимателна анализа. Убеден сум дека вистината ќе излезе на виделина и процесот ќе заврши на праведен и транспарентен начин, во рамките на принципите на владеење на правото“, заврши претседателот на Фенербахче.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови