Connect with us

Голем кам-бек на повидок: Стефан Ристовски повторно во Вардар!

По 16 години, Стефан Ристовски е пред враќање во Вардар. Искусниот десен бек, кој како млад фудбалер ги направи првите чекори во „црвено-црниот“ дрес, е многу блиску до повторна соработка со македонскиот шампион.

Според последните информации, во текот на следните часови се очекува да биде ставен потпис на договорот, со што Вардар би добил сериозно засилување во продолжението од сезоната.

Ристовски во изминатите години стекна огромно искуство на европската сцена. По заминувањето од Вардар во 2010 година, настапуваше во Италија за Парма, Кротоне, Фросиноне, Бари и Латина, а потоа играше за Ријека во Хрватска. Кариерата го однесе и во Португалија, каде што го носеше дресот на Спортинг Лисабон, пред повторно да се врати во Хрватска и да настапува за Динамо Загреб. Последниот клуб во неговата кариера досега беше Сараево, со кој се раздели во 2026 година.

Враќањето на Ристовски би било особено значајно за Вардар, кој се обидува да ја одбрани шампионската круна. „Црвено-црните“ во моментов имаат осум бода помалку од лидерот Шкендија, па ангажманот на ваков искусен фудбалер би можел да биде важен чекор во обидот да се намали разликата на врвот.

Ристовски е и долгогодишен македонски репрезентативец со 82 настапи и два гола во националниот дрес. Неговото искуство, лидерски карактер и победнички менталитет се квалитети со кои би требало да му помогне на Вардар во битката за трофеите.

Останува уште официјалната потврда, но сè укажува на тоа дека по цели 16 години Ристовски повторно ќе биде дел од Вардар.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови