Connect with us

Гол-шоу на „Олд Трафорд“, Јунајтед и Борнмут постигнаа осум гола (ВИДЕО)

Манчестер Јунајтед и Борнмут приредија вистински спектакл и со стил ја затворија рундата, одигрувајќи највозбудлив натпревар во колото, кој донесе дури осум погодоци и заврши без победник – 4-4, на легендарниот „Олд Трафорд“.


Публиката уживаше во динамичен дуел полн со шанси, пресврти и атрактивни моменти, а конечниот резултат реално ја отсликува сликата на теренот.

Тимот на Рубен Аморим уште еднаш покажа дека ѝ недостига стабилност во формата, иако пред почетокот важеше за фаворит, додека Борнмут со оваа ефикасна партија влезе во историјата како прв тим што трипати постигнал најмалку три гола на „Олд Трафорд“.

Уште на стартот Бруно Фернандеш и Матеус Куња најавија офанзивна и отворена игра, а раната принудна измена кај Борнмут во петтата минута дополнително го наруши ритамот на тимот на Ираола. Првата голема можност ја имаше Мејсон Маунт, но Ѓорѓе Петровиќ со бравурозна одбрана спречи водство. Сепак, во 13. минута српскиот голман беше немоќен – Амад Дијало одлично се снајде по нафрлувањето на Далот и погоди за 1-0. Погодокот беше проверуван со ВАР, но регуларноста беше потврдена.

По водството, Јунајтед ја презеде иницијативата, но Борнмут не остана должен. Таверние се закани со удар со глава, а во 40. минута Семењо донесе израмнување за гостите. Сепак, последниот збор во првото полувреме им припадна на домаќините – во судиското продолжение Касемиро со глава погоди по центаршут на Фернандеш за 2-1.

Вториот дел започна со нов шок за Јунајтед, откако Еванилсон веднаш донесе 2-2. Налетот на Борнмут продолжи, а по прекршок на Каземиро, гостите од слободен удар стигнаа и до водство, предизвикувајќи воодушевување кај своите навивачи. Аморим реагираше со измени, но кога изгледаше дека домаќините тешко ќе се вратат, Бруно Фернандеш во 76. минута постигна фантастичен гол од слободен удар за 3-3.

Само неколку минути подоцна следеше нов пресврт – Куња ја искористи одличната соработка со Бењамин Шешко и го доведе Јунајтед во водство. Но, Борнмут повторно покажа карактер и во 84. минута преку Крупи повторно израмни. Во самата завршница гостите дури и притискаа за победа, но голманот на Јунајтед со неколку сигурни интервенции ја зачува мрежата, па на крајот ремито се покажа како најреален исход за двата тима.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови