Connect with us

Германија загуби од Македонија: Разновидноста е силата на Европа

„Views of a footballer“ е колумна на Филип Лам, во соработка со новинарот Оливер Фрич, на германскиот интернет магазин „Zeit Online“, која ексклузивно во Македонија ја објавува www.makfudbal.mk. Истовремено колумната се објавува и во неколку реномирани медиуми во Европа (The Guardian, La Repubblica, Politiken, Delo, Sports Daily, Sport Voetbalmagazine, Gazeta Wyborcza, Tribuna, Dennik).

Поранешниот капитен на светскиот првак Германија и директор на турнирот ЕВРО 2024 ќе ги анализира фудбалските теми и ќе разговара за нивната стратешка важност за општеството, економијата и политиката.

Фудбалот се промени на подобро. Во 80-тите години на минатиот век, тоа беше отворен простор за уметници како Диего Марадона. Но и со изразени специјалисти за одбрана и за фаули испратени да го запрат.

Ова можете да го гледате на клиповите на YouTube и ќе бидете ужаснати. Целта тогаш ги оправдуваше сите средства.


Денес, сериозно се казнуваат лизгачките стартови и бруталните фаули, а ваквите прекршоци исчезнаа. Во транспарентен процес меѓународната фудбалска заедница се согласи за построг пристап.


Играчите сега мора да играат фер, а фаулите се сметаат за последно средство. Овие денови, целта е оправдана од средства. За овој развој, од кој профитирав како играч, би сакал да им се заблагодарам на сите инволвирани.

Овој пример покажува колку е важно да се воспостават правила што ги земаат предвид интересите на сите. Ова се покажа како исклучително корисно за нашиот спорт, особено на интернационалните натпревари. Тоа дозволи на Лигата на шампионите да се трансформира во неверојатно натпреварување.

Во пресрет на четвртфиналето, ајде да разгледаме краток момент: Зошто играме фудбал? За слава, успех – финансиски успех исто така – за забава и за спектакл. Повеќе од сè, затоа што фудбалот не учи на соработка и на успешна интеракција со другите.

Прифатениот пакет правила е од особено значење.

Во фудбалот, тоа значи: два гола поставени на правоаголно поле. Само на еден играч му е дозволено да ја земе топката со свои раце. Истите правила за офсајд важат за Порто и за Челси. Доколку судијата не досуди пенал за Унгарците, сите навивачи сметаат дека е неправедно исто како кога тоа би им се случило на Швеѓаните.

Но, факт е и дека постојано мора да се прават прилагодувања. Ова може да се види од моментно неконзистентната примена на правилата за играње со рака како и од дебатите за Финансискиот фер-плеј.

Веројатно никогаш нема да има апсолутна праведност.

Се разбира, правила има и во кошарка и во пинг-понг и во Избор за песна на Евровизија. Но, влијанието на фудбалот е поголемо.

Овој глобален спорт што ги исполнува стадионите ширум светот нуди единствени можности за доживувања кои излегуваат далеку, надвор од националните граници. Луѓето секаде ја играат играта или учествуваат како навивачи, без разлика дали се работи за финалето на Лигата на шампионите во мај или Европското првенство во лето. И овие два формата – оној на националните тимови и на клупските тимови – се надополнуваат и имаат корист едни од други.

Фудбалот е најпопуларен спорт во 120 земји во светот, и тешко дека постои европска земја во која не е рангиран како број 1. Кога станува збор за фудбалот, сите други сакаат да го достигнат нашиот континент. Последен пат кога светскиот шампион не беше од Европа беше во 2002 година. А, европскиот клупски фудбал е Силиконската долина на овој спорт.

Имињата на брендовите не се Фејсбук, Амазон и Гугл, туку Реал Мадрид, Јувентус, ПСЖ, Арсенал, Барселона, Баерн Минхен, Манчестер Сити и Манчестер Јунајтед. Преку дигитализацијата и глобализацијата, тие имаат развиени светски заедници. Фановите на Баерн Минхен можат да се најдат исто толку лесно во Шангај, како во Оберпфафенхофен.

Бидејќи нивните пазари рапидно се шират веќе неколку години, овие врвни брендови се претворија во своевидни монополи кои ќе бидат уште повеќе збогатени во годините што доаѓаат.
Уште еднаш, пет од осумте екипи во четвртфиналето во ЛШ оваа година доаѓаат од Англија и од Германија, двете финансиски најсилни лиги.

Сето ова не води до прашање кое исто така бара внимание: Кому му е дозволено да учествува во елитното натпреварување? Во последниве години, најголемите тимови изразија желба да создадат Суперлига од 16 до 20 најсилни клубови во Европа.

Отпорот на таа идеја се раѓа од загриженоста дека со тоа ќе се воспостави фудбалска елита. Од друга страна, сепак, клубовите и играчите би сакале да се натпреваруваат со еднакви на себе. Формирањето на Бундес-лигата во 1963 година беше придружено со слични грижи, но стана голем успех.

Исто како што сум фан (оставајќи ја настрана пандемијата за момент) на концептот што се крие зад одржувањето на Европското првенство во дванаесет европски градови, мене ми се допаѓа космополитската идеја за поддршка на Европската лига.

Во моментов, би учествувале клубови од само пет или шест земји – имено, етаблираните тимови од Мадрид, Манчестер, Минхен, Париз и Лондон. Но, како што играчите од Истанбул, Варшава и Братислава добиваат шанса на ЕП 2021, зарем не би било подобро да се вклучат екипи од Бриж, Санкт Петербург, Атина, Копенхаген и Прага во Европска лига? Инвеститорите секако се заинтересирани за вакви атрактивни локации. Исто така, не треба да се заборави дека ЕУ првично беше основана во 1950-тите со само шест земји.

Најголемите корисници од моментниот развој на работите, врвните фудбалски брендови, носат значителен дел од одговорноста.

Во мојата улога како директор на турнирот на ЕВРО 2024 и во мојата нова колумна, која се појавува во многу различни земји и јазици, би сакал да учествувам во оваа дебата.

Критичкото учество на навивачите и медиумите е корисно. Европа е континент на просветлување, а фудбалот може да даде мал придонес во зајакнувањето на демократијата.

Сметам дека е важно да споменам една последна работа. Секоја земја, секој клуб треба да го зачува, па дури и да го потенцира, својот идентитет и карактеристичните одлики.

Културните особености ја збогатуваат целината. Италијанскиот фудбал има различни предности во однос на фудбалот што се игра во Шпанија, Англија или во Германија. Нашиот континент донесе шампиони од различни места како Данска, Грција, Холандија, Чехословачка, Советскиот сојуз и Португалија.

Во 2018 година Хрватска стигна до финалето на Светското првенство. Полска, Унгарија и Австрија исто така имаа место во европскиот фудбал. Ајакс Амстердам, Динамо Киев, Црвена звезда Белград, Бенфика и МТК Будимпешта имаа свои славни моменти во минатото. Фудбалски великани дојдоа од Бугарија, Финска, Романија, Велс и Норвешка.

Последното големо случување е поразот на Германија од Македонија. Ова само потврдува дека разновидноста е силата на Европа.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови