Connect with us

Георге Хаџи е нов селектор на Романија

Легендарниот Георге Хаџи е нов селектор на Романија, соопштија од локалната фудбалска федерација. Тој го наследува на функцијата починатиот порано овој месец Мирча Луческу, а неговиот договор ги опфаќа следните два квалификациски циклуси на националниот тим.

„Извршниот комитет на Романска фудбалска федерација го одобри предлогот на техничката комисија на 16 април 2026 година, со што Георге Хаџи денес и официјално се враќа на клупата на репрезентацијата на Романија. Федерацијата го најавува назначувањето на селекторот како играч со најмногу настапи за романската репрезентација. Хаџи, кој е симбол на достоинство, потпиша договор за следните два квалификациски циклуси со мисија да го врати националниот тим во елитата на светскиот фудбал“, се вели во соопштението.

За Хаџи ова ќе биде втор мандат како селектор на Романија, по оној во есента 2001 година, кога ја водеше селекцијата на само четири натпревари – со една победа, две ремија и еден пораз. Потоа беше тренер на Бурсаспор, Галатасарај (двапати), Политехника Тeмишвар, ФЦСБ, Виторул Констанца и Фарул Констанца. Како фудбалер, тој одигра 125 натпревари и постигна 35 голови за Романија, делeјќи го првото место на вечната листа на стрелци со Адријан Муту. Покрај тоа, ја претставуваше својата земја на три светски и три европски првенства.

„Чест и голема одговорност е повторно да ја претставувам Романија, како што тоа го правев и како фудбалер. Се надевам дека ќе успеам да го направам истото и како тренер, бидејќи најважна е играта. Токму затоа ја презедов репрезентацијата – убеден сум дека можеме да постигнеме големи нешта. Се надевам дека ќе ги повторам моите успеси како играч и како селектор. Сигурен сум дека можеме да бидеме меѓу најдобрите“, изјави 61-годишниот Хаџи на своето претставување.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови