Џенаро Гатузо не можеше да биде целосно задоволен и покрај тоа што Лацио освои бод против Милан. „Небесносините“ имаа предност од 2-0, но во второто полувреме целосно попуштија и на крајот мораа да се задоволат со 2-2.
Тренерот на Лацио призна дека неговиот тим одиграл две сосема различни полувремиња, а најголем проблем било повлекувањето пред сопствениот гол по паузата.
„Стоевме премногу длабоко и тука грешевме. Планот беше да играме низок блок, но имавме проблеми да го спроведеме тоа. Во второто полувреме не успевавме да ја освоиме топката. Се повлековме, а ние не знаеме така да се браниме. Го почувствувавме нивниот притисок и квалитет“, изјави Гатузо.
Лацио сепак може да биде задоволен што успеа да избегне целосен пресврт.
„На крајот и добро поминавме, бидејќи по двата гола во две минути не се распаднавме целосно. Кога ќе ја загубиме свежината, стануваме ранливи“, додаде италијанскиот стратег.
Сезоната за Лацио започна над сите очекувања. Пред дуелот со Милан, тимот имаше три победи и едно реми во првите четири кола, што беше најдобриот старт во историјата на клубот во Серија А. Со ремито, Лацио привремено се искачи и на врвот на табелата.
Победа над Милан ќе му донесеше и историски рекорд на Гатузо, кој ќе станеше првиот тренер во историјата на клубот со четири победи на стартот на првенството.
Гатузо, сепак, не сака да се создава дополнителен притисок околу амбициите на тимот. Спортскиот директор Анџело Фабијани неодамна како минимална цел го посочи пласманот во европските натпреварувања, но тренерот не се согласува со таквата формулација.
„Не сакам да коментирам дали се согласувам со Фабијани. И онака сме под голем притисок и мислам дека не е коректно да се каже дека Европа е минимум. Не бегам од одговорот и не сакам да создавам полемики, но ќе видиме каде ќе бидеме на крајот од сезоната и тогаш ќе анализираме. Не е точно дека Европа е минимална цел. Тоа е притисок кој не ни е потребен. Треба само да продолжиме да работиме како досега“, порача Гатузо.
Иако навивачите на Лацио повторно го бојкотираа влезот на „Олимпико“, нивната поддршка не изостана. Тие го следеа тимот од тренинг-центарот Формело до стадионот, испраќајќи им поддршка на фудбалерите.
Гатузо беше особено трогнат од сцените.
„Овде луѓето се страствени. Не дај Боже некој да го допре тимот, веднаш полудуваат. Сите би сакале да бидат на стадионот. Тоа што нè следеа од Формело значи дека гледаат како играчите со гордост го носат овој дрес. Ме трогна кога ги видов тие луѓе, дури и повозрасните“, рече Гатузо.
На крајот, тој испрати и искрена порака за значењето на навивачите во фудбалот:
„Фудбал без навивачи е ср*ње. Подобро е да одиш да го прошеташ кучето.“
-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА
Шкендија Тетово не успеа да слави на дуелот со Шкендија Арачиново (1-1), а тоа...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ на колото: Горан Закариќ (Вардар)
Најдобрите знаат да блеснат кога е најтешко и да го поведат тимот напред. Не...
Автор makfudbal













