Connect with us

Фудбалерките поразени од Азербејџан на дуелот во Битола

Женската фудбалска репрезентација на Македонија со пораз го затвори квалификацискиот циклус за Светското првенство, откако во Битола загуби од Азербејџан со 1-3 во директната пресметка за второто место во групата 3 од Лигата Ц.

Нашите репрезентативки не успеаја да го искористат домашниот терен и на крајот мораа да му честитаат на противникот, кој со триумфот го обезбеди второто место на табелата и продолжување на квалификацискиот пат. Македонија циклусот го заврши на третата позиција со шест освоени бода, зад Азербејџан и првопласираната Унгарија. Единствените две победи избраничките на Александар Андов ги забележаа против селекцијата на Андора.

Гостинките уште од самиот почеток покажаа поголема иницијатива и конкретност. Азербејџан поведе уште во осмата минута, но Македонија брзо возврати преку Мустафа, која само три минути подоцна донесе израмнување на 1-1. Сепак, до заминувањето на одмор гостинките уште двапати ја затресоа мрежата и создадоа предност која подоцна успешно ја сочуваа до последниот судиски свиреж.

Во текот на целиот натпревар Азербејџан делуваше поорганизирано и поопасно во нападот, па заслужено стигна до бодовите што му беа потребни за пласман пред Македонија на табелата.

Покрај резултатското значење, средбата во Битола ќе остане запаметена и по емотивниот момент поврзан со капитенката Викторија Панчурова. Долгогодишната чуварка на мрежата за последен пат го носеше дресот со државниот грб и официјално стави крај на својата репрезентативна кариера, оставајќи значаен белег во македонскиот женски фудбал.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови