Connect with us

Фудбалерките до 17 години го освоија второто место во групата

Репрезентацијата до 17 години во женска конкуренција во последниот натпревар на квалификацискиот турнир за пласман на Европското првенство против селекцијата на Велс играше без победник 3-3 и на крајот го освои второто место.

Во мечот од Б4 групата во Б лигата, Македонија поведе со 1-0 откако Кејти Вајтвеј во четвртата минута ја погоди сопствената мрежа. Во 22-та Маја Халкроу израмни на 1-1, а само пет минути подоцна Маја Касвел му носи предност на Велс од 2-1.

Во 51. минута Емилија Ивковиќ беше стрелец на голот за 2-2, а во 57-та Кесвел повторно беше прецизна за водство на Велшанките од 3-2.

Во 65-тата минута Ивковиќ по втор пат ја совлада противничката голманка за израмнување на 3-3 што беше и конечен резултат на натпреварот.

Во вториот дуел од последното трето коло Луксембург забележа победа од 1-0 во соочувањето со домаќинот на турнирот Грузија.

На крајот избраничките на селекторката Катерина Милеска го освоија второто место со четири бода, три помалку од првопласираниот Велс. Трет е Луксембург додека четвртата позиција и припадна на Грузија.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови