Шокиран сум. Германија по третпат по ред е елиминирана во раната фаза на едно Светско првенство. Ќе ми треба време да се соземам по ова. Клучниот збор за кој мора да се разговара е континуитетот – нешто што националниот тим го нема веќе една деценија. Германскиот фудбал сè уште не одлучил како сака да игра. Постојано се појавуваат нови идеи, а одново и одново гледаме нови играчи на нови позиции. Јулијан Нагелсман премногу експериментираше – и тоа не само на овој турнир. А, создавањето тим е процес што трае со години.
Германија отсекогаш била успешна кога улогите на играчите биле јасно дефинирани, кога хиерархијата била воспоставена и кога тимот имал јасен концепт како да напаѓа и како да се брани. Токму тоа уверување целосно недостигаше. На ова Светско првенство тимот воопшто не изгледаше како да го поминал процесот низ кој мора да помине секоја сериозна репрезентација.
Тоа можеше да се види на теренот во секој натпревар. Недостигаше контрола врз играта – сигурна изградба на нападите од последната линија, преку средниот ред до нападот, а потоа задржување на топката на противничката половина. Или, кога противникот е во посед, да го држите што подалеку од сопствениот гол. Тоа го гледам кај другите репрезентации, но не и кај Германија.
Некогаш бевме познати како „турнирска репрезентација“ – тим што стануваше сè подобар како што одминуваше турнирот. Тоа време помина. Овојпат тимот играше сè полошо од натпревар во натпревар. Тоа се случи затоа што беа напуштени идеи што функционираа добро. Планот Дениз Ундав да биде „џокер“ од клупата носеше резултати, но Нагелсман се откажа од таа стратегија против Парагвај.
Ќе наведам два примера за тоа што јас би направил поинаку. Прво, Јошуа Кимих игра во средниот ред во Баерн Минхен и таму требаше да игра и во репрезентацијата. Второ, Флоријан Вирц и Каи Хаверц се двајца од нашите најдобри фудбалери, што го покажаа и со голот против Парагвај. Би сакал Вирц да игра во средината, веднаш зад Хаверц, каде што е најсилен. И тоа постојано – од натпревар на натпревар и од тренинг на тренинг.
Нагелсман сака често да ги менува системите и формациите. Тој вели дека тоа е негов стил. Но, големите репрезентации како Шпанија или Франција секогаш играат според ист препознатлив модел. Ги препознавам веднаш кога ќе ги гледам. Тие едноставно го изведуваат толку добро што противниците не можат да ги запрат. Во фудбалот не треба работите да се прават покомплицирани отколку што се.
Секако, тренерот може да менува одредени работи, но само детали – и тоа откако ќе воспостави ред во тимот. Тоа е општ проблем и кај германските клубови, вклучувајќи ги и оние во Бундеслигата. На повеќето им недостига токму таа јасност.
Мора да се зборува и за измените на Нагелсман. Против Еквадор, во последниот натпревар од групната фаза кој немаше резултатско значење, настапи со целосно поинаков состав од оној против Парагвај во шеснаесетфиналето. Како и многу други негови одлуки, ни оваа не ја разбрав. Секоја измена испраќа порака до тимот – порака што играчите треба да ја разберат. Секоја ротација мора да има јасна цел. Овојпат тоа не беше случај.
Сепак, од ова Светско првенство има нешто што ми дава надеж. Кога се соочуваат со неуспех, играчите не се напаѓаат меѓусебно – тие се штитат еден со друг. Антонио Ридигер зборуваше со голема почит за своите конкуренти Јонатан Та и Нико Шлотербек. Каи Хаверц го пофали Дениз Ундав, а Јошуа Кимих застана во одбрана и на Лерој Сане и на Нагелсман. Тоа ми се допадна. Врз тоа може да се гради.
Во исто време, ги бранам играчите од обвинувањата дека немаат правилен однос. Тоа можеби беше случај во Русија во 2018 година, кога генерацијата што ја освои светската титула одигра катастрофален турнир. Но, тоа не го прифаќам за 2022 и 2026 година. Не станува збор за карактерот на играчите. Јасно гледам дека тие даваат сè од себе. Неуспехот многу ги погодува. По елиминацијата во Катар во 2022 година, Јошуа Кимих зборуваше дека се плаши да не западне во длабока криза. И овојпат беше целосно скршен.
Денешната генерација ја сочинуваат таканаречени „системски играчи“, кои уште од 12 или 13 години се воспитувани во академиите и го гледаат фудбалот како професија. А таа професија во последните петнаесет години драматично се промени – растат платите, дигиталното присуство и индивидуализацијата. Тешко е да се остане во чекор со сето тоа. Тука е потребно вистинско лидерство.
И генерацијата што дојде по мојата заслужува вистинска шанса. Но, одново и одново тренерите се враќаат на светските шампиони од 2014 година. Таквата одлука можеби носи краткорочна стабилност, но секогаш испраќа порака дека нема доволно доверба во новите играчи – како тие сами да не можат да го понесат товарот.
Аргентина и Франција, со Лионел Меси и Килијан Мбапе, покажуваат дека може да се изгради успешен тим околу актуелната генерација. И тие работат во исти услови како Германија. Дидие Дешамп и Лионел Скалони ги водат своите селекции со јасен ред и чувство на сигурност.
Германија веќе смени тројца селектори по ред. Но, јас не гледам дека проблемот е кај играчите. Имаме фудбалери што настапуваат за најголемите европски клубови. Антонио Ридигер со години е стандарден во Реал Мадрид. Флоријан Вирц го одведе Баер Леверкузен до историската титула, по што Ливерпул плати огромна сума за да го доведе како креатор на играта. Каи Хаверц ја освои Лигата на шампионите со Челси и Премиер лигата со Арсенал. Џамал Мусијала важи за еден од најголемите светски таленти. Јошуа Кимих со години е лидер во Баерн Минхен. Само Франција располага со повеќе талент од Германија.
Светското првенство е најважниот спортски настан во светот. Националната репрезентација мора да ја претставува својата земја. Во Босна и Херцеговина луѓето ја слават својата репрезентација затоа што се препознаваат во неа. Но, ако постојано го прекинувате процесот на создавање тим, никој нема да може да се идентификува со него. Затоа навивачите се толку разочарани. А тоа не е добро.
Во наше време – како и во секој тим – не сите се согласувавме совршено. Но, кога денес ќе се сретнам со поранешните соиграчи од периодот 2006–2014 година, заедно се присетуваме на прекрасните моменти. Заедничките успеси ни дадоа нешто што ќе трае цел живот. Тоа е искуство што моите наследници веројатно никогаш нема да го доживеат. И тоа е навистина голема штета за нив.
Сега се зборува за Јулијан Нагелсман и за неговиот можен наследник. Но, пред да почнеме да разговараме за имиња, мора да расчистиме неколку суштински прашања. Германскиот фудбал треба конечно да одлучи како сака да игра. Дали сме Шпанија? Дали сме Аргентина? Дали сме Франција? Не. Ние сме Германија. Имаме своја култура, свој препознатлив фудбалски идентитет. Време е повторно да му се вратиме – и тоа со целосно убедување.
-
„Макфудбал“ е официјален медиумски партнер на „Адриa Фудбал Форум 2026“
Оваа година „Макфудбал“ е официјален медиумски партнер на „Адриа Фудбал Форум“, еден од најважните...
Автор makfudbal
-
ФИЛИП ЛАМ ексклузивно ЗА МАКФУДБАЛ: Германија мора повторно да го пронајде својот идентитет
Шокиран сум. Германија по третпат по ред е елиминирана во раната фаза на едно...
Автор makfudbal
Евро-фудбал
Меси „невидлив“ на почетокот против Шпанија!













