Connect with us

ФИФА отвори дисциплинска постапка против Аргентина за политички пораки на Светското првенство

ФИФА официјално соопшти дека покренала дисциплинска постапка против Аргентинската фудбалска федерација, откако по победата над Англија (2-1) во полуфиналето на Светското првенство аргентинските фудбалери истакнаа политички транспарент поврзан со Малвинските Острови. Покрај федерацијата, под истрага се и Леандро Паредес, Науел Молина и уште неколку членови на аргентинската репрезентација.

ФИФА првично одлучи да почека по полуфиналниот натпревар меѓу Аргентина и Англија, на кој избраниците на Лионел Скалони развија транспарент со порака за аргентинскиот суверенитет над Малвинските Острови. Но, во вторникот светската куќа на фудбалот официјално отвори дисциплинска постапка против Аргентинската фудбалска федерација.

Во соопштението се наведуваат повеќе можни прекршувања на дисциплинскиот правилник, меѓу кои и „користење на спортски настан како платформа за демонстрации од неспортски карактер“.

По триумфот од 2-1 во Атланта, дел од соиграчите на Лионел Меси позираа со транспарент на кој пишуваше: „Малвинските Острови се аргентински“. Од ФИФА потенцираа дека ваквото користење на спортски натпревар за политички пораки може да претставува прекршување на дисциплинскиот кодекс.

Ова не е прв ваков случај со „гаучосите“. Уште во 2014 година, ФИФА ја казни Аргентина со околу 23.000 евра поради сличен транспарент што репрезентативците го истакнаа пред пријателскиот натпревар против Словенија.

Во меѓувреме, по инцидентите што се случија по финалето на Светското првенство против Шпанија, кое Аргентина го загуби со 1-0 по продолженија, дисциплински постапки се водат и против неколку аргентински репрезентативци.

Леандро Паредес и Науел Молина се соочуваат со по три обвиненија за „агресија“, додека Тијаго Алмада и Роберто Ајала, кој е член на стручниот штаб на „албиселесте“, се обвинети за „неспортско однесување“. На истата основа можна санкција му се заканува и на шпанскиот репрезентативец Гави.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови