Connect with us

Феран Торес пред трансфер во ПСЖ, Шпанецот веќе се договорил со францускиот шампион

Феран Торес е на чекор од заминување од Барселона и трансфер во Пари Сен Жермен. Според информациите на шпанска „Марка“, преговорите се во завршна фаза, а шпанскиот репрезентативец веќе постигнал договор со францускиот шампион.

Торес наводно јасно ставил до знаење дека сака кариерата да ја продолжи во Париз, каде што би потпишал четиригодишен договор, со важност до летото 2030 година.

Барселона и ПСЖ веќе неколку дена разговараат за трансферот на 26-годишниот напаѓач. Преговорите ги водат спортските директори Деко и Луис Кампос, кои имаат добар однос и се обидуваат да ја пронајдат формулата која ќе ги задоволи двете страни.

Во Барселона во среда планирале средба со Торес, кој требаше да им се приклучи на тренинзите на шпанските репрезентативци по паузата.

Сепак, неговото враќање на тренинг-центарот може да не се случи доколку Барселона и ПСЖ успеат навреме да го финализираат трансферот. Целта на сите инволвирани страни е зделката да биде комплетирана пред почетокот на подготовките.

Агентите на Феран Торес веќе ги информирале челниците на каталонскиот клуб дека фудбалерот сака да си замине. Поради тоа, планираниот разговор за неговата иднина веројатно повеќе нема да биде потребен.

Личните услови веќе не претставуваат проблем. Торес го прифатил предлогот на ПСЖ за четиригодишна соработка, па сега останува двата клуба да се договорат околу обесштетувањето.

Францускиот шампион е подготвен да плати околу 50 милиони евра, но сè уште се преговара за структурата на трансферот – фиксниот дел, бонусите и условите за нивна активација.

Според информациите од луѓе запознаени со преговорите, Барселона и ПСЖ се блиску до конечен договор и се очекува трансферот да биде официјализиран во следните денови.

Можноста за трансфер во ПСЖ се појави уште за време на Светското првенство. Иако тогаш ниту играчот ниту францускиот клуб не сакаа јавно да зборуваат за преговорите, зад сцената се работело на реализација на зделката.

Торес неодамна, за време на престојот во САД поради маркетиншки обврски, даде изјава која дополнително ги подгреа шпекулациите за неговото заминување.

„Имам договор со Барселона, но во фудбалот никогаш не се знае. Чекам да донесам правилна одлука. Сè уште не знам што ќе се случи“, изјави тогаш шпанскиот репрезентативец.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови