Connect with us

Фабијани: Важно ми е да го смениме менталитетот, не смееме безглаво да бркаме резултат

Македонскиот шампион Вардар е подготвен за реванш-пресметката со КуПС во првото квалификациско коло од Лигата на шампионите. „Црвено-црните“ веќе се адаптираа на условите во Финска и веруваат дека можат да се вратат во игра за пласман во следната фаза.

Задачата нема да биде лесна, бидејќи КуПС од Скопје замина со предност од 2-0. Сепак, во таборот на Вардар не се откажуваат и веруваат дека европските натпреварувања многупати покажале дека пресврти се можни.

Тренерот Кристијан Фабијани сега има појасна слика за квалитетите на финскиот противник. Според него, Вардар во првиот натпревар скапо ги платил грешките во одбраната, од кои КуПС ги постигна двата гола.

„Важно ми е на овој натпревар да го смениме менталитетот. На првиот меч до голот игравме добро, но примивме гол во најлош можен момент пред крајот на полувремето. Најголема предност на КуПС е што се во натпреварувачки ритам, имаат повеќе мечеви од нас и тоа го гледам само како плус за нив.

Нема очајнички да влеземе во натпреварот и безглаво да го бркаме резултатот. Сакам да видам организиран Вардар кој ќе се бори за секоја топка и за секоја педа од теренот. Потребни се ред и дисциплина, а сè треба да се одвива плански и постепено.

Ќе ги немаме Торес и Босанчиќ, но на тоа не смееме да гледаме како хендикеп. Очекувам целиот тим да се обиде да го надополни нивното отсуство. Сите фудбалери во ростерот мора да сфатат дека нема прва и втора екипа. Секој што ќе добие шанса мора да го даде максимумот затоа што го носи дресот на Вардар“, изјави Фабијани.

Реваншот меѓу КуПС и Вардар ќе се одигра во вторник во Куопио, со почеток од 17:00 часот, а правдата ќе ја дели судиска екипа од Шкотска.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови