Connect with us

Европа планира бојкот на Светското првенство поради новиот план на Инфантино

Планот на ФИФА да продава удели од своите натпреварувања, меѓу кои и Светското првенство, на приватни инвеститори предизвика силни реакции низ фудбалската јавност. Откако првично информацијата ја објави „Тајмс“, а УЕФА жестоко ја осуди, светската куќа на фудбалот подоцна потврди дека навистина работи на ваков проект.

Од ФИФА се обидоа да ги смират критиките со образложение дека евентуалните приходи ќе бидат распределени меѓу сите 211 национални федерации-членки. Сепак, дополнителни сомнежи предизвика признанието дека организацијата соработува со инвестициската компанија „Трајв Капитал“, чиј извршен директор е Џош Кушнер, брат на Џаред Кушнер – зет на американскиот претседател Доналд Трамп. Предлогот, сепак, ќе мора да добие поддршка од мнозинството членки на ФИФА.

Најголем отпор наиде токму во Европа. Според бројни извештаи, многу европски федерации стравуваат дека ваквиот потег ќе ја отвори вратата за приватен капитал да влијае врз управувањето со најголемото фудбалско натпреварување во светот. Од друга страна, дел од помалите федерации ја поддржуваат иницијативата, привлечени од можноста за поголеми финансиски приходи.

Според „Скај Спортс“, УЕФА веќе свикала итен виртуелен состанок на своите членки, кој треба да се одржи до крајот на неделата. На состанокот ќе се разгледуваат можните чекори доколку ФИФА продолжи со реализацијата на планот, а меѓу опциите што се споменуваат е и бојкот на Светското првенство од страна на дел од европските репрезентации.

Во меѓувреме, претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, е изложен на сè поголеми критики и поради блиските односи со Доналд Трамп. Неговите противници сметаат дека потенцијалната соработка со луѓе од најтесниот круг на американскиот претседател дополнително ја засилува загриженоста дека во фудбалот сè повеќе доминираат политичките и деловните интереси.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови