Connect with us

Еден тим за детските права

Децата го преземаа теренот на пријателски фудбалски натпревар, со повик сите да се здружат за правата на децата


По повод Светскиот ден на детето УНИЦЕФ и Фудбалската федерација на Македонија организираа пријателски фудбалски натпревар на кој „децата го преземаа теренот“. На натпреварот играа деца, професионални фудбалери од националната репрезентација, фудбалери од Специјалната Олимпијада и високи функционери.

“На овој ден сите ние возрасните заедно со децата се потсетуваме кои ни се приоритетите, каде треба го насочиме погледот, што сакаме да постигнеме за да обезбедиме безгрижно детство за сите деца, а секако и подобра иднина и можности за развој,“ рече премиерот Димитар Ковачевски. “Светскиот ден на детето е нашиот потсетник за обврските што како општество ги имаме кон нашите деца, особено кон оние чија положба е многу чувствителна.“

Светскиот ден на детето кој се одбележува секоја година на 20 ноември, ги истакнува најважните прашања кои влијаат врз животот на децата и го поддржува учеството на децата и младите како застапници на своите сопствени права. Оваа година, Светскиот ден на детето се паѓа на истиот ден со официјалниот почеток на ФИФА Светското првенство во Катар 2022 година и на тој начин дава ретка можност детските прашања да се најдат на врвот од глобалната агенда.

Натпреварот е дел од заедничката кампања на УНИЦЕФ и Фудбалската федерација на Македонија, под слоганот „Сите сме еден тим“, со која се повикува сите да се здружат за правата на децата.

“Фудбалот значи ширење на пријателство, еднаквост и промовирање на здрав начин на живот и спортска култура. Ве охрабруваме сите млади активно да се вклучите во активности кои ја пренесуваат пораката за присуство на пријателство и еднаквост на спортските терени, но и во секојдневниот живот, “ рече директорот на македонската фудбалска репрезентација, Дени Масев. „Децата имаат свои права затоа што се деца, а не затоа што допрва треба да ги заработат. Наша должност е да ги научиме на одговорност, развој на нивните капацитети, почитување на другите, толеранција или живот во заедница. Наша должност е секој во својот оддел или област да прави сѐ што може за правата на сите деца вистински да се почитуваат. Важно е да инвестираме во подобрување на квалитетот на животот на децата, преку воспитување и образование, здравствена и социјална заштита, културна и спортска“.

На настанот присуствуваа деца, наставници, министри, амбасадори, јуниорски фудбалски тимови и фудбалери од Специјалната Олимпијада. Настанот го модерираа Кика, Филип, Анастасија и Миха, деца од ТВ-серијата „Дајте музика“, кои ја претставуваа Македонија на детскиот евровизиски натпревар.

Светскиот ден на детето е годишен ден со кој се повикува на акција за да се привлече вниманието на прашања важни за децата и да се создаде поправичен, инклузивен свет за секое дете. УНИЦЕФ и партнерите апелираат до целото општество да ги поддржат активностите за поддршка на:

· Квалитетна здравствена грижа, за секое дете која опфаќа обезбедување пристап до квалитетна здравствена грижа и исхрана за секое дете, како и заштита од болести што можат да се спречат со вакцинација.

· Квалитетно и инклузивно образование, за секое дете вклучувајќи зголемени инвестиции и подобрена ефикасност и правичност во трошењето за образование со цел да му се помогне на секое дете да се здобие со вештини од 21 век, а и да им се даде поттик на децата да израснат во луѓе што ќе ја преобразат економијата и општеството.

· Менталното здравје и благосостојба на децата и младите , вклучувајќи воспоставување програми кои го унапредуваат менталното здравје и благосостојбата во училиштата и заедницата, за секое дете да има детство какво што заслужува и на кое има право.

· Здрава животна средина, вклучувајќи создавање простор за децата и младите да играат главна улога во осмислувањето климатски активности и во обезбедувањето решенија за еколошките предизвици со кои се соочуваме денес.

· Фер шанса за секое дете, вклучувајќи активности за справување со дискриминацијата и исклучувањето, за да не се запостави ниту едно дете поради попреченост, сиромаштија, етничка припадност или пол.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови