Connect with us

Драма во Бергамо: Самарџиќ од пенал во 98.минута ја одведе Аталанта во осминафиналето на ЛШ (ВИДЕО)

Фудбалерите на Аталанта се пласираа во осминафиналето на Лигата на шампионите со голот на Лазар Самарџиќ од пенал во последните секунди од натпреварот за конечни 4-1! Со тоа е анулирана негативата од два гола што ја имаа по првиот дуел со Борусија Дортмунд.

Тешко е да се прераскаже сè што се случи вечерва во Бергано, особено во самиот финиш – Аталанта водеше со 3-0 и имаше резултат што ја носеше понатаму, но потоа Адејеми на 15 минути пред крајот израмни на вкупни 3-3. А потоа, во последните мигови, Крстовиќ изнуди пенал откако Бенсебаини, во обид да ја расчисти топката, го удри со нога во глава. Одговорноста во најтешкиот момент ја презеде Самарџиќ и на најдобар можен начин реализираше за пласман на Аталанта.

Аталанта одлично го отвори мечот и веќе во четвртата минута Колашинац убаво го проигра Залевски, кој откосо од левата страна шутираше кон подалечниот агол, но Кобел одлично интервенираше.

Во следниот напад домаќините поведоа. По убава акција по левата страна, Бернаскони уфрли низ петерецот, Антон и Бенсебаини лошо реагираа, а тоа го казни Скамака кој од непосредна близина погоди за 1-0.

Аталанта и по водството продолжи да ја контролира играта, а во 24. минута Залевски повторно се обиде, но Кобел уште еднаш ги спаси гостите.

Борусија Дортмунд беше целосно безопасна до 27. минута кога Гираси го упати првиот удар кон голот на Аталанта, но беше непрецизен. Две минути подоцна Брант имаше уште подобра шанса, фати волеј, но голманот Карнезеки одлично интервенираше.

И токму во вистински момент, Аталанта стигна до втор гол и го израмни резултатот во двомечот. Во 45. минута, по центаршут од левата страна, Кобел исфрли со тупаници, но Запакоста ја прифати топката и шутираше, а таа на патот кон голот го погоди Бенсебаини, го измами голманот и заврши во мрежата за 2-0.

Второто полувреме повторно започна возбудливо. Најпрво Гираси имаше одличен удар, но се истакна голманот на Аталанта со сигурна интервенција.

Веќе во следниот напад Аталанта беше блиску до трет гол. Самарџиќ како на тацна го проигра Де Рон, но неговиот удар го запре Кобел.

Борусија веднаш возврати и во 53. минута Бајер излезе сам пред голот на Аталанта, гаѓаше кон подалечниот агол, ја погоди стативата, топката потоа се одби од Брант и заврши во гол-аут.

Казната за тоа промашување стигна веднаш. Во 53. минута Де Рон центрираше од десната страна кон подалечната статива, а таму највисок во скокот беше Пашалиќ кој со глава погоди за 3-0 и во тој момент Аталанта имаше резултат што ја носеше во осминафиналето.

Сепак, Аталанта не издржа, бидејќи Борусија додаде гас. Дваесет минути пред крајот Гираси во еден напад имаше две стопроцентни шанси, но двата обида ги одбрани Карнезеки.

Во 75. минута веќе немаше спас – Адејеми по двојно додавање со Чуквуемека од работ на шеснаесетникот упати неодбранлив удар под гредата за 3-1, што значеше дека овој резултат води во продолженија.

Во 82. минута целиот стадион занеме. Лазар Самарџиќ сам изведе соло-акција, се избори за одлична позиција, но од околу десетина метри шутираше крај самата статива и му недостасуваше многу малку да стане херој на Аталанта.

Во последните мигови сведочевме на неверојатна сцена. Борусија Дортмунд ја загуби топката, поточно голманот Кобел. Пашалиќ ја украде и тргна кон шеснаесетникот, потоа нафрли преку Кобел, а Бенсебаини во обид да расчисти ја шутна топката и го удри Крстовиќ во глава. Следуваше прекин, домашните бараа пенал, а судијата по повик од ВАР-собата отиде да ја прегледа снимката. Немаше дилема – чист пенал за Аталанта. Бенсебаини го доби вториот жолт картон и автоматско исклучување.

Одговорноста ја презеде Лазар Самарџиќ и во осмата минута од судиското продолжение ја смести топката во аголот за 4-1 – Аталанта е во осминафиналето!

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови