Фудбалерите на Манчестер Јунајтед го совладаа Њукасл со 1-0 на „Олд Трафорд“ во натпреварот од 18. коло на англиската Премиер лига.
Избраниците на Рубен Аморим конечно стигнаа до победа на домашен терен по цели два месеца, а средбата ја одбележа спектакуларниот погодок на Патрик Доргу, кој во голема мера потсети на легендарниот волеј на Зинедин Зидан во финалето на Лигата на шампионите во 2001 година против Баер Леверкузен.
Уште на самиот почеток од натпреварот, домаќините се наметнаа како поконкретен противник, што резултираше со првата закана по голот на Њукасл, кога ударот на Шешко заврши покрај стативата.
Потоа следуваше период на подобра игра на „чавките“, кои возвратија преку Мајли, чиј удар беше одбранет од Ламенс, додека и обидот на Марфи заврши во корнер по интервенција на одбраната.
Набрзо се истакна и Рамсдејл на спротивната страна, кога го запре ударот на Матеус Куња, но англискиот голман беше немоќен веќе во следниот напад.
Се играше 24. минута кога Патрик Доргу маестрално ја дочека одбиената топка по корнер и со волеј, во стилот на Зинедин Зидан, ја затресе мрежата на Рамсдејл за водство на Јунајтед.
Поранешниот фудбалер на Лече можеше да постигне уште еден гол, но неговиот обид го спречи голманот на Њукасл, а до паузата беше забележан и уште еден неуспешен обид на Куња.
Второто полувреме започна со помирно темпо, кое го „разби“ Шешко со убав удар, но словенечкиот напаѓач ја погоди пречката само неколку моменти пред да биде заменет.
Се затресе и пречката на Манчестер Јунајтед, откако фантастичниот шут на Хол можеше лесно да заврши во мрежата, но рамката од голот го спаси Ламенс.
По тоа, Еди Хау нареди целосна офанзива на Њукасл. Ударот на Шер беше запрен од Мартинез со рака, но дури по одбивање од телото, што за судијата Тејлор не беше доволно за да досуди пенал за гостите.
Набрзо се закани и Гордон, а голема шанса пропушти Дало, кој убаво ја смири прецизната топка од Шо, но не успеа да ја погоди рамката на голот.
Жоелинтон ги загреа ракавиците на Ламенс, Гордон и Мајли шутираа над голот, па до крајот на натпреварот резултатот не се промени.
-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА ЕСЕНТА
Вардар заврши на врвот, ја мина есента без ниеден пораз и има пол-позиција пред...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ НА ЕСЕНТА: РОЏЕРС МАТО (ВАРДАР)
Вардар е лидер на табелата по првиот дел од сезоната, а „машината“ на Гоце...
Автор makfudbal













