Connect with us

Џон Стоунс потпиша за Интер: „Среќен сум што сум тука“

Англискиот репрезентативец Џон Стоунс и официјално е нов фудбалер на Интер, откако потпиша двегодишен договор со актуелниот шампион на Италија. Клубот од Милано потврди дека искусниот дефанзивец пристигнува како слободен играч.

На Стоунс летово му истече договорот со Манчестер Сити, со што заврши неговата десетгодишна етапа на „Етихад“. Заминувањето без обештетување предизвика интерес кај повеќе европски клубови, но Интер успеа да ја добие трката за неговиот потпис.

Англичанецот пристигна во Манчестер Сити од Евертон во 2016 година за 47,5 милиони фунти. За „граѓаните“ одигра 295 натпревари, освојувајќи шест титули во Премиер – лигата, три трофеи во ФА Купот и една титула во Лигата на шампионите.

Во видео објавено на социјалните мрежи, Стоунс го изрази своето задоволство од новиот предизвик.

„Среќен сум што сум тука. Ви благодарам на сите, сигурен сум дека наскоро ќе се видиме. Голема благодарност за поддршката“, порача новото засилување на Интер.

Ова ќе биде прв ангажман на Стоунс надвор од Англија. Со тоа тој се приклучува на сè поголемата група англиски репрезентативци кои настапуваат во странство, меѓу кои се Џуд Белингам во Реал Мадрид и Хари Кејн во Баерн Минхен.

Стоунс е втор дефанзивец што ова лето го замени Манчестер Сити со Интер, откако претходно истото го направи и Мануел Аканџи.

„По 32 години минати во Англија, Џон Стоунс е подготвен за ново поглавје во Милано. Нов клуб, ново првенство и нов предизвик, збогатени со искуството што го стекна низ својата кариера. По историјата што ја испиша во Манчестер, сега е време за нова приказна во дресот на Интер“, порачаа од италијанскиот клуб.

Минатата сезона Стоунс беше стартер на само девет натпревари за Манчестер Сити, па неговото заминување не претставуваше големо изненадување.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови