Македонската фудбалска јавност денес го дочека денот „Д“. Попладнево од 16:30 часот, на неутрални терени во Кавадарци и Битола, ќе се одиграат двата бараж-натпревари кои ќе го дадат конечниот одговор на прашањето: кои екипи следната сезона ќе бидат дел од елитното друштво во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), а кои ќе мора да се задоволат со второлигашкиот фудбал.
Возбудата е на максимум, а влогот не може да биде поголем – 90 минути борба „на сè или ништо“ ги делат овие четири екипи од рајот или пеколот.
На Градскиот стадион во Кавадарци нè очекува вистински фудбалски спектакл. Екипата на Пелистер влегува во овој меч со императив да го сочува прволигашкиот статус. По доаѓањето на искусниот стратег Марјан Секуловски на клупата, битолчани ги консолидираа своите редови, заличија на стабилен тим и покажаа карактер кој дефинитивно заслужува место во елитата.
„Зелено-белите“ денес ќе ја имаат и поддршката од својот „12-ти играч“ – верните „Чкембари“, кои најавија масовно присуство во Кавадарци.
Но, наспроти себе Пелистер ќе ја има екипата на Шкендија Арачиново, која без сомнеж е најпријатното изненадување во Втората лига оваа сезона.
Арачиновци не доаѓаат со „бело знаме“. Напротив, тие веќе имаат прекрасни спомени од Кавадарци, каде што пред точно една година во сличен бараж го совладаа Осогово и изборија пласман во ВМФЛ.
Мотивот за нов, историски успех и прв пласман во ПМФЛ е огромен.
Вториот дуел се игра под Тумбе Кафе во Битола, каде силината ќе ја одмерат Брера Струмица и скопски ФК Скопје. На хартија, струмичани ја носат улогата на фаворит. Тимот на Брера располага со посериозен буџет, поквалитетен играчки кадар и индивидуалци кои со еден потег можат да го решат натпреварот.
Нивната форма во финишот од првенството, крунисана со високата победа над Шкупи (6-0), јасно покажува дека тимот има квалитет за многу повеќе од бараж.
Сепак, ФК Скопје е екипа со големо прволигашко искуство која знае како се играат вакви натпревари под притисок. Амбицијата на тимот од главниот град е експресно враќање во фудбалската елита. Тие ќе се потпрат на цврста дефанзива и брзи контранапади, со надеж дека ќе го изненадат фаворизираниот противник.
ПМФЛ – БАРАЖ (16:30 часот):
Кавадарци: Пелистер – Шкендија Арачиново
Битола: Брера Струмица – Скопје
-
Кристијано Роналдо ги предводи „дедовците“ на СП, тука се и Модриќ, Џеко, Нојер…
Осум фудбалери постари од 40 години, меѓу кои и Кристијано Роналдо, ќе настапат на...
Автор makfudbal
-
Мбапе го брани епитетот најдобар стрелец на СП, Жист Фонтен и натаму е ненадминлив
Килијан Мбапе ќе го брани трофејот наменет за најдобар стрелец на Светското првенство. Досега...
Автор makfudbal
Евро-фудбал
Интер се договори со голманот на Лацио
Прва лига
Оливер Богатинов е нов тренер на Тиквеш













