Connect with us

Де ла Фуенте: Белгија ќе биде најголемиот тест за нас на овој Мундијал

Селекторот на Шпанија, Луис де ла Фуенте, порача дека неговата репрезентација воопшто не размислува за евентуално полуфинале со Франција, бидејќи целото внимание е насочено кон вечерашниот четвртфинален дуел против Белгија на Светското првенство.

„Во моментов не постои ништо друго освен Белгија. Ако успееме да победиме, тогаш ќе почнеме да размислуваме за следниот противник. Можам да гарантирам дека и јас и играчите сме целосно фокусирани само на овој натпревар“, изјави Де ла Фуенте.

Шпанскиот стратег го проследи триумфот на Франција над Мароко (2-0), но нагласи дека тоа воопшто не го одвлекува вниманието на неговиот тим.

„Франција одигра одличен натпревар и заслужено се пласираше во полуфиналето. Знаеме колку се силни, но сега нашата единствена задача е Белгија. Таа репрезентација има фудбалери навикнати да победуваат и нè очекува исклучително тежок предизвик“, истакна селекторот.

Иако Шпанија е единствената селекција на турнирот која сè уште нема примено гол, Де ла Фуенте смета дека има простор за напредок, особено во реализацијата.

„Свесен сум што можеме да контролираме и токму на тоа сме концентрирани. Тоа ми носи мир и самодоверба. Едно е да чувствувате трема пред голем натпревар, а сосема друго е да се плашите“, додаде тој.

Тренерот очекува Белгија да биде најтешкиот противник со кој Шпанија се соочила досега на Мундијалот.

„Нема дилема дека ова ќе биде нашиот најголем тест. Веруваме во нашите квалитети и знаеме дека имаме фудбалери кои можат да го решат натпреварот со еден потег.“

Де ла Фуенте посебно го пофали Ламин Јамал, истакнувајќи дека младиот офанзивец од натпревар во натпревар покажува сè поголема зрелост.

„Ламин постојано напредува. Освен што е опасен во нападот, сè повеќе придонесува и во дефанзивните задачи. Но, нашите успеси не се темелат на индивидуалци, туку на колективната игра. Во оваа репрезентација тимот секогаш е пред егото“, нагласи селекторот.

На крајот, искусниот стратег го истакна и значењето на играчите кои го ставаат колективот на прво место, а како пример го посочи Микел Мерино, херојот од победата над Португалија.

„Имам посебен однос со Микел бидејќи долго време соработуваме. Ако требаше, лично ќе отидев по него дома за да го донесам во репрезентацијата. Тој е фудбалер од светска класа, но уште поважно, извонреден човек и пример за сите во тимот“, порача Де ла Фуенте.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови