Шкендија Арачиново стигна до минимална, но значајна победа од 1-0 против Скопје во последниот меч од седмото коло во Првата фудбалска лига, решавајќи го дуелот на новите прволигаши во самиот финиш. Натпреварот го обележаа одличните одбрани на гостинскиот голман Кристијан Наумовски и одлучувачкиот погодок на Дашмир Елези.
Домаќините тргнаа фуриозно уште од самиот старт и веќе во втората минута Миле Тодоров имаше колосална шанса, но Наумовски со одлична реакција спречи раводство. Скопје првпат се закани во 21. минута преку Ангелов, чиј удар го неутрализираше Столески.
Пред крајот на полувремето, Шкендија Арачиново создаде нов притисок: Нухија биеше опасно под пречката, а Наумовски повторно одбрани.
Половина минута подоцна, Тодоров ја затресе мрежата од тежок агол, но голот беше поништен поради офсајд.
Во вториот дел домаќините целосно ја презедоа иницијативата. По најубавата акција на мечот, Селмани излезе очи во очи со Наумовски, но гостинскиот чувар на мрежата уште еднаш реагираше маестрално.
За Скопје во завршните 20 минути дебитираше Брдаровски, кој донесе свежина во нападот и спаси сигурен гол пред Селмани. Гостите имаа златна шанса да го шокираат ривалот во 84. минута преку Беровиќ, но Столески успеа да одбрани.
Казната за промашувањето на Скопје стигна веќе во следниот напад — по една долга акција, Дашмир Елези одблизу ја смести топката во мрежата за конечни 1-0.
Со овие три бода, Шкендија Арачиново се искачи на третото место со вкупно 13 бода, додека Скопје останува во опасната зона со скромни три бода.
-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА
Шкендија Тетово не успеа да слави на дуелот со Шкендија Арачиново (1-1), а тоа...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ на колото: Горан Закариќ (Вардар)
Најдобрите знаат да блеснат кога е најтешко и да го поведат тимот напред. Не...
Автор makfudbal













