Connect with us

Челси го договори новиот тренер, Лиам Розениор доаѓа на „Стемфорд бриџ“

Потрагата на Челси за нов шеф на стручниот штаб влегува во завршна фаза. По отказот на Енцо Мареска во четвртокот, раководството на лондонскиот клуб значително ги забрза разговорите со Стразбур околу ангажманот на Лиам Розениор, кој во моментов се профилира како прв избор за клупата на „сините“, пренесува француски „Л’Екип“.

Сепак, официјалната потврда на трансферот се очекува дури по завршувањето на неделата. Розениор најверојатно во сабота последен пат ќе го предводи Стразбур на гостувањето кај Ница, додека Челси во неделниот дерби-дуел со Манчестер Сити привремено ќе го води тренерот на У21 тимот, Калум Мекфарлејн.

На прес-конференцијата пред натпреварот, запрашан за својата иднина, Розениор остана воздржан и кусо изјави дека „не знае што носи утрешниот ден“. Иако сопственичката групација „BlueCo“ има удел во двата клуба, Челси ќе плати отштета за да се испочитува формалната процедура и Стразбур да не излезе оштетен во целата ситуација.

Францускиот клуб веќе ги користи наредните денови за пронаоѓање замена на англискиот стратег, а речиси и да нема дилема дека следната станица во неговата кариера ќе биде „Стемфорд Бриџ“.

Розениор го презеде Стразбур на почетокот на минатата сезона и го однесе до седмата позиција во Лига 1, каде што клубот се наоѓа и по 16 одиграни кола оваа сезона. Во Конференциската лига, Стразбур блескаше, завршувајќи го лигашкиот дел на првото место со 16 освоени бодови од можни 18.

Тренерската кариера Розениор ја започна во 2022 година како привремен тренер на Дерби Каунти, а подоцна, од ноември 2022 до мај 2024, го предводеше Хал Сити. Како фудбалер, има зад себе 15 години искуство во Премиер – лигата и Чемпионшип, настапувајќи за Фулам, Рединг, Ипсвич, Хал и Брајтон.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови