Connect with us

Брахим Дијаз продолжи да блеска, Мароко се пласира во полуфиналето на АКН (ВИДЕО)

Мароко обезбеди место во полуфиналето на Африканскиот куп на нации, откако вечерва во Рабат го совлада Камерун со 2-0. „Лавовите од Атласот“ ја оправдаа фаворитската улога и пред својата публика направија уште еден голем чекор кон трофејот.

Избраниците на Валид Реграги доминираа во клучните моменти, додека Камерун делуваше далеку од својата препознатлива моќ, дополнително оптоварен од внатрешните проблеми што ја тресат селекцијата.

Натпреварот започна со нервоза и грешки на двете страни, но Мароко поведе од практично првата вистинска шанса. Во 26. минута, по корнер и мешаница во шеснаесетникот, Брахим Дијаз најдобро се снајде и го постигна својот петти гол на турнирот.

До паузата Мароко имаше уште две сериозни можности преку Езалзули и Ел Каби, но резултатот остана непроменет.

Во вториот дел Камерун имаше поголем посед, но без вистинска закана по голот на Боно, освен еден обид на Енкуду. Казната стигна во 74. минута, кога по уште еден корнер, Агерд го проигра Исмаел Саибари, кој со прецизен удар ја потврди победата и го испрати Камерун дома.

Мароко во полуфиналето ќе игра против подобриот од дуелот меѓу Алжир и Нигерија, со јасна цел – пласман во големото финале.

Претходно, пласман во полуфинале обезбеди и селекцијата на Сенегал која со 1-0 го совлада Мали. Стрелец на единствениот гол беше Илман Ендиаје во 74.минута.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови