Connect with us

Белингам ја превесла Норвешка и обезбеди полуфинале за Англија (ВИДЕО)

Фудбалската репрезентација на Ангкија се пласира во полуфиналето на Светското првенство , откако по 120 минути жестока борба успеа да ја елиминира Норвешка со триумф од 2-1. Херој на гордиот Албион беше Џуд Белингам, кој ги постигна двата гола за селекцијата на Томас Тухел.
Во третиот четвртфинален натпревар на Светското првенство во 2026 година беше одигран драматичен дуел меѓу Норвешка и Англија во Мајами. По 90 минути резултатот беше 1-1, а Англичаните одиграа одлично во продолженијата и на крајот славеа со 2-1.

Џуд Белингам е апсолутниот херој на Англија со двата постигнати гола, додека трагичар во редовите на Норвешка е голманот Ниланд, кој при решавачкиот погодок ја одби топката директно до противнички фудбалер. Единствениот гол за Норвешка го постигна Шјелдеруп.

Натпреварот наликуваше на вистинска шаховска партија. Најголемите ѕвезди на двете репрезентации, Ерлинг Халанд и Хари Кејн, речиси и да не се забележуваа на теренот, но Англија на крајот го имаше расположениот Белингам.

Во првите десет минути немаше многу возбудувања. Англичаните ја контролираа топката и се обидуваа да пронајдат простор, но Норвежаните беа одлично поставени и не оставаа празнини ниту по крилните позиции, каде што дејствуваа Мадуеке и Гордон. Најмногу додавања имаа англиските стопери, што најдобро ја опишува ситуацијата на теренот.

Првата посериозна ситуација пред голот на Норвешка беше забележана во 19. минута, кога Андерсон нафрли, но Мадуеке не успеа да стигне до топката. Четири минути подоцна О’Рајли центрираше од десната страна, но повторно немаше кој да ја заврши акцијата.

До првата пауза за освежување немаше сериозни шанси, а потоа започнаа грешките. Кејн во 29. минута шутираше над голот од слободен удар, а на спротивната страна Стоунс му подари топка на Халанд, кој не го очекуваше тоа и не успеа да ја искористи шансата.

Првиот удар во рамките на голот беше забележан во 35. минута, кога Халанд се обиде со глава. Само една минута подоцна Норвешка поведе. По одземена топка од Кејн, Шјелдеруп на фантастичен начин ја затресе мрежата. Судијата Клеман Турпан ја проверуваше ситуацијата, но погодокот беше признат за водство од 1-0.

Набргу потоа Едегор упати удар кој го одбрани Пикфорд, а Норвежаните пропуштија и одлична контра два на еден, кога Сорлот и Халанд тргнаа кон противничкиот гол, но Сорлот беше неодлучен.

Казната пристигна на спротивната страна. Англичаните изведоа одлична акција по левото крило, Гордон испрати топка во средината, а Белингам рутински ја заврши акцијата и израмни на 1-1.

До крајот на првото полувреме Англија уште еднаш ја затресе мрежата на Норвешка, но погодокот беше поништен поради офсајд на Кејн.

На почетокот од второто полувреме Англија направи двојна замена. Езе и Сака влегоа на местата на Рајс и Мадуеке. Токму Езе се обиде од слободен удар, но ја погоди топката во Гордон, кој беше поставен покрај живиот ѕид.

Халанд имаше добра можност во 53. минута, кога шутираше кон аголот, но Пикфорд одлично интервенираше. По два последователни корнери Норвешка повторно ја затресе мрежата преку Хегем, но погодокот беше поништен поради прекршок на Халанд врз Андерсон.

Беше очигледно дека Норвежаните создаваат големи проблеми по прекините, а најдобрата можност ја имаше Ајер, кој ја погоди гредата.

Англија се мачеше, особено затоа што Хари Кејн беше одлично чуван и немаше простор. На спротивната страна во игра влезе Нуса и веднаш започна да создава проблеми. По еден негов продор по левата страна, Пикфорд мораше повторно да интервенира.

Во судиското продолжение Спенс успеа да го изненади Ниланд и да го блокира неговиот обид да ја исфрли топката, но не успеа да постигне гол. Белингам потоа се најде во добра позиција, но со глава шутираше покрај голот, па натпреварот замина во продолженија.

Англичаните веднаш го подигнаа темпото. Кејн најпрво пропушти можност со удар со глава од тешка позиција, а потоа следуваше решавачкиот момент. Роџерс шутираше, Ниланд реагираше многу лошо и ја одби топката директно до Белингам, кој без проблеми погоди за 2-1 во третата минута од продолжението.

Норвежаните делуваа физички истрошено, а набргу Турпан покажа и на белата точка за Англија по дуелот меѓу Спенс и Боб. Сепак, по прегледувањето на снимката со ВАР, францускиот судија ја промени одлуката и го поништи пеналот.

Халанд немаше повеќе сили и селекторот Стале Солбакен го замени пред почетокот на второто продолжение.

Англија продолжи да напаѓа. Спенс и Сака имаа можности, но Ниланд во двата наврати одбрани. Сепак, неговата грешка при вториот гол се покажа како прескапа за Норвешка.

Во финишот Норвежаните немаа доволно енергија за уште едно враќање во натпреварот, па Англија со победата од 2-1 обезбеди пласман во полуфиналето на Светското првенство.

Таму Англичаните ќе се соочат со победникот од четвртфиналниот дуел меѓу Швајцарија и Аргентина.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови