Connect with us

Белгија и Египет ремизираа во Сиетл (ВИДЕО)

Во првиот натпревар од Групата Г на Светското првенство, Белгија и Египет ремизираа 1-1 во Сиетл, во дуел кој донесе динамика, шанси и изненадувачки моменти на двете страни.

Египет го отвори резултатот во 19. минута преку Ашур, кој доби премногу простор пред шеснаесетникот на белгиската одбрана и со прецизен удар од околу дваесетина метри постигна ефектен погодок за 0-1.

До крајот на првото полувреме и двете селекции имаа свои шанси, особено во финишот, но Египќаните успеаја да ја задржат минималната предност на пауза.

Во вториот дел Белгија тргна поофанзивно. Кевин Де Бруин во 53. минута изведе одличен слободен удар од околу 20 метри, но го погоди десниот дирек и резултатот остана непроменет.

Само две минути подоцна Египет пропушти голема шанса да го зголеми водството. Мохамед Салах шутираше, Тибо Куртоа интервенираше, но одбиената топка Омар Мармуш не успеа да ја претвори во гол. Истата слика се повтори и во 60. минута, кога Мармуш повторно беше во добра позиција, но шутираше над голот.

Израмнувањето дојде во 67. минута, веднаш по влегувањето на Ромелу Лукаку на местото на Де Кетеларе. Белгија изведе акција по десната страна, по што следеше центаршут во шеснаесетникот. Во обид да интервенира пред Лукаку, Хани ја закачи топката и ја смести во сопствената мрежа за 1-1.

По израмнувањето, Белгија продолжи со притисок. Во 82. минута Мехеле пропушти голема шанса, откако неговиот удар беше одлично одбранет од голманот Шобер.

Пет минути подоцна Лукаку повторно се закани со удар со глава по центаршут од левата страна, но ја испрати топката над гредата.

Во судиското продолжение Мехеле имаше уште една прилика по слободен удар, но не беше прецизен, па натпреварот заврши без победник – со по еден бод за Белгија и Египет.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови