Connect with us

Барселона, сепак, ќе го откупи Маркус Рашфорд во јуни?

Маркус Рашфорд (28) со своите настапи во дресот на Барселона ја оправдува довербата што клубот му ја укажа минатото лето кога го доведе на позајмица. Англискиот напаѓач досега има седум голови и девет асистенции во 23 официјални натпревари, покажувајќи одлична адаптација и значителен придонес за играта на тимот. Поради тоа, спортскиот сектор на Барселона сè повеќе размислува за активирање на откупната клаузула, пишува „Мундо Депортиво“.

Рашфорд се покажа како многу важно решение за тренерот Ханси Флик, особено во периодот кога тимот речиси два месеци беше без повредениот Рафиња. Напаѓачот, позајмен од Манчестер Јунајтед до 30 јуни наредната година, ја искористи шансата и настапуваше на високо ниво.
Сега клупското раководство сериозно размислува да ја искористи откупната клаузула вредна 30 милиони евра за да го задржи Англичанецот.

Во Барселона се задоволни и со фактот дека со доаѓањето на Рашфорд конкуренцијата во нападот се заостри, што ги поттикнува и останатите соиграчи на поголем интензитет и посветеност. Иако шансите за траен престој на англискиот репрезентативец се зголемуваат, конечната одлука ќе зависи од неговите настапи во вториот, клучен дел од сезоната и од тоа како ќе реагира на намалена минутажа по целосното закрепнување на Рафиња.

Рашфорд има договор со Манчестер Јунајтед до 2028 година, но менаџерот на „црвените ѓаволи“, Рубен Аморим, не смета на него во долгорочните планови, што дополнително ја отвора вратата за неговото останување на „Камп Ноу“.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови