Connect with us

Барселона победи, но го загуби Ламин Јамал (ВИДЕО)

Барселона минимално ја совлада Селта Виго со 1-0 на „Камп Ноу“, но натпреварот го одбележа сериозната повреда на младиот ас Ламин Јамал.


Токму Јамал беше стрелец на единствениот погодок, реализирајќи пенал во завршницата од првото полувреме, но веднаш по ударот се повреди и мораше да го напушти теренот. Првичните информации говорат за повреда на задната ложа, а според дел од изворите станува збор и за посериозно оштетување на мускулот, што би значело подолга пауза и крај на сезоната за него.


Тимот на Ханси Флик започна офанзивно, со неколку рани закани, додека и гостите возвраќаа – најопасен беше поранешниот играч на Барса, Феран Жутгла. Сепак, главната фигура на теренот беше Јамал, кој освен голот имаше уште неколку опасни обиди.


Драмата кулминираше во судиското продолжение на првиот дел, кога покрај повредата на Јамал, дојде и до прекин поради медицинска интервенција на трибините, каде што на еден навивач му беше укажана помош. По пауза од околу 20 минути, натпреварот продолжи, а состојбата на навивачот беше стабилизирана.


Во второто полувреме, Барселона ја контролираше играта, а Феран Торес постигна гол кој беше поништен поради минимален офсајд. Френки де Јонг внесе дополнителна стабилност во средниот ред, додека во финишот Јаго Аспас се обиде да донесе израмнување за гостите, но без успех.


Барселона ја задржа победата и предноста на табелата, но загриженоста околу состојбата на Јамал е огромна – не само за клубот, туку и за Шпанија, со оглед на претстојниот Мундијал.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови