Connect with us

Барселона објави војна на Реал Мадрид и Флорентино Перез

Вршителот на должноста претседател на Барселона, Рафа Јусте, најави правни мерки против Реал Мадрид и неговиот претседател Флорентино Перез поради изјавите поврзани со случајот „Негреира“.

Јусте, кој привремено ја извршува функцијата прв човек на каталонскиот клуб до почетокот на новиот мандат на Жоан Лапорта во јули, не штедеше критики кон најголемиот ривал.

„Во Мадрид тешко ги прифаќаат успесите што ги остваруваме. Едно е ривалство, а сосема друго се обидите да се дискредитираат нашите титули. Изјавите на Флорентино Перез беа неприфатливи и штетни за угледот на Барселона. Нашиот правен тим веќе ги подготви потребните тужби и подготвени сме да ги браниме интересите на клубот пред судските органи“, изјави Јусте на собирот „Сенат 2026“, традиционален настан на кој присуствуваат најстарите членови на клубот.

Освен за конфликтот со Реал Мадрид, Јусте зборуваше и за спортските и финансиските успеси на Барселона. Тој ја оцени сезоната како исклучително успешна, посебно истакнувајќи ја работата на тренерот Ханси Флик, спортскиот директор Деко и стручниот штаб.

„Освоивме сè што беше можно на домашната сцена и изградивме тим кој има светла иднина. Академијата Ла Масија повторно е темел на нашиот успех, а голем број млади играчи веќе се носители на играта и репрезентативци на Шпанија“, нагласи Јусте.

Тој потврди и дека клубот работи на нови засилувања, откривајќи дека во составот веќе пристигнал Ентони Гордон, додека во тек се преговори за дополнителни трансфери.

Во финансискиот дел, Јусте порача дека Барселона успешно се опоравува од кризата која ја наследило сегашното раководство.

„Го презедовме клубот во тешка состојба, но денес сме многу поблиску до финансиска стабилност. Наскоро повторно ќе можеме нормално да функционираме на трансфер-пазарот, а новиот „Спотифај Камп Ноу“ ќе биде клучен двигател на идните приходи“, истакна тој.

Јусте зборуваше и за останатите секции на клубот, потенцирајќи дека женскиот фудбалски тим и понатаму е меѓу најдобрите во светот, додека за кошаркарскиот сектор најави сериозна реорганизација со цел враќање на поранешниот сјај.

„Барселона останува најголемиот мултиспортски клуб во светот. Нашата цел е да победуваме во секој спорт и да продолжиме да поставуваме стандарди на највисоко ниво“, заклучи Јусте.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови