Connect with us

Барселона го прегази Феенорд со пет гола, Демировиќ блесна со хет-трик за Штутгарт! (ВИДЕО)

Барселона продолжува да испраќа сериозни сигнали уште на стартот од новата сезона. Каталонскиот гигант одигра уште еден фантастичен натпревар и во првото коло од Лигата на шампионите убедливо го совлада Феенорд со 5-0.

Тимот на Ханси Флик практично од самиот почеток му стави до знаење на гостинскиот состав дека на „Монжуик“ нема што да бара. Само три минути беа потребни за Барселона да го отвори резултатот.

Рафиња повторно беше еден од главните двигатели на нападот. По одличната топка од Ламин Јамал, Бразилецот се ослободи од двајца противници, си создаде простор и со прецизен удар го совлада голманот на Феенорд.

Каталонците продолжија да притискаат, а Феенорд тешко успеваше да ја задржи топката. Гостите во еден момент побараа и пенал по падот на Антони Хаџ Муса во дуел со Жоао Кансело и Пау Кубарси, но судијата Свен Јаблонски не покажа на белата точка.

Барселона знаеше како да го казни секој простор што ќе го оставеше противникот. Рафинја во неколку наврати беше опасен, Ламин Јамал се закануваше од далечина, а Жоао Кансело ја погоди и стативата.

Второто полувреме донесе нов налет на домашниот тим.

Во 57. минута Рафиња повторно се запиша во листата на стрелците. Педри маестрално го пронајде Бразилецот меѓу линиите, а тој рутински ја заврши акцијата за 3-0.

Феенорд двапати успеа да ја затресе мрежата, но и двата гола на Начо Фери беа поништени поради офсајд, при што во вториот случај интервенираше и ВАР.

Потоа дојде моментот за Ламин Јамал. Младиот ас постигна прекрасен гол од слободен удар во 77. минута, погодувајќи го просторот што го остави живиот ѕид на гостите. За Јамал тоа беше петти погодок на последните три натпревари.

Феенорд сепак успеа да постигне почесен гол преку Сем Стејн, но последниот збор го имаше Барселона.

Габриел Жезус, кој штотуку влезе во игра, со одличен удар со глава ја погоди мрежата и го постави конечниот резултат од 5-0. За Бразилецот ова беше и деби-гол во дресот на каталонскиот клуб во Лигата на шампионите.

На вториот натпревар во истиот термин, Штутгарт стигна до победа од 3-1 против Викинг, а апсолутен херој на домаќините беше Ермедин Демировиќ.

Босанскиот напаѓач одигра блескаво прво полувреме и практично сам го реши натпреварот со хет-трик.

Демировиќ го отвори резултатот во 20. минута, кога одлично се снајде на првата статива по асистенцијата од Анџело Штилер.

Викинг експресно возврати. Само две минути подоцна Златко Трипиќ ја искористи транзицијата и го израмни резултатот.

Но, тоа беше само краток прекин на шоуто на Демировиќ.

Во 26. минута напаѓачот повторно погоди, овојпат по одличната асистенција од Денис Ундав. Само шест минути подоцна следеше и третиот гол на Демировиќ, повторно по додавање од Ундав.

Со хет-трик во првото полувреме, Демировиќ му обезбеди на Штутгарт огромна предност и практично го насочи натпреварот кон победнички крај.

Така, додека Барселона со моќна офанзивна претстава го прегази Феенорд, Штутгарт доби свој херој во името на Демировиќ.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови