Connect with us

Барселона доминираше на наградите на Ла Лига во Дубаи

Претставниците на Барселона остварија целосна доминација на наградите во Ла Лига, кои беа доделени за време на гламурозната церемонија „Глобал Сокер Аворд“ во Дубаи. Каталонците се претворија во големи победници на вечерта, откако ги освоија речиси сите најзначајни признанија за изминатата сезона.

Ханси Флик беше избран за најдобар тренер, откако го одведе тимот до шампионската титула уште во својата прва сезона на клупата. Претседателот Жоан Лапорта ја прими наградата во име на Германецот и го истакна неговиот професионализам и способноста да внесе победнички дух кај младите фудбалери.


Барселона, очекувано, беше прогласена за тим на сезоната во Ла Лига поради убедливиот начин на кој триумфираше во првенството.

Голема ѕвезда на вечерта беше Рафиња, кој ја освои наградата за играч на сезоната во шпанскиот шампионат. Бразилскиот крилен напаѓач имаше незаборавна сезона, збогатена со 18 голови и 12 асистенции на 36 натпревари. Во специјално видео-обраќање, Рафиња им се заблагодари на соиграчите и нагласи дека за него Барселона е семејство.

Младиот феномен Ламин Јамал, исто така, не остана без признание, откако беше прогласен за најдобар играч до 23 години. Шпанскиот репрезентативец ја доби наградата лично од легендата Андрес Иниеста и не го сокри своето воодушевување од признанието. Единствениот кој успеа да ја наруши целосната хегемонија на каталонците беше голманот на Атлетико Мадрид, Јан Облак, избран за најдобар чувар на мрежата во шампионатот.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови