Connect with us

Барселона демантира: УЕФА нема поведено никаква нова постапка против нас

Барселона ги демантираше информациите кои се појавија во дел од шпанските медиуми дека УЕФА повторно покренала постапка против каталонскиот гигант поради случајот „Негреира“.

Од клубот појаснуваат дека истрагата не е повторно отворена, бидејќи никогаш официјално не била затворена. УЕФА пред три години назначила двајца истражители, кои оттогаш ги преземаат чекорите што ги сметаат за потребни.

„УЕФА нема покренато никаква постапка против Барселона. Постапката започна пред три години со назначувањето на двајца истражители, кои оттогаш ги преземаа потребните дејствија. Таа не е повторно отворена, бидејќи никогаш не била затворена. Барселона во секој момент постапуваше во согласност со барањата на истражителите“, соопшти клубот.

Случајот се однесува на исплатите кон Хозе Марија Енрикез Негреира, поранешен потпретседател на Техничкиот комитет на судии при Фудбалската федерација на Шпанија.

Истрагата на УЕФА следеше откако Реал Мадрид достави обемна документација поврзана со случајот. Во неа се наведува дека Барселона во периодот од 2001 до 2018 година му исплатила на Негреира сума која надминува осум милиони евра.

Од „Камп Ноу“ нагласуваат дека станува збор за тековна истрага и ревизија, а не за нова постапка.

„УЕФА не најави започнување, повторно отворање или активирање на каква било постапка. На истражителите е да одлучат дали и какви чекори ќе преземат врз основа на доставената документација. Досега Барселона нема добиено никакви барања или обврски“, додаваат од каталонскиот клуб.

Периодот опфатен со истрагата се совпаѓа со едно од најуспешните поглавја во историјата на Барселона. Од 2001 до 2018 година клубот освои девет титули во Ла Лига, а четири пати триумфираше и во Лигата на шампионите.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови