Connect with us

Барса се вклучи во трката за Родри, кој е пред голема дилема: „Бернабеу“ или „Камп Ноу“?!

Барселона сериозно се вклучи во трката за потписот на Родри и е подготвена да му ги расипе плановите на големиот ривал Реал Мадрид. Каталонците веќе ги оствариле првите контакти со претставниците на шпанскиот репрезентативец, кој сè уште нема донесено конечна одлука за својата иднина.

Реал Мадрид со недели работи на трансферот на играчот за врска на Манчестер Сити, но преговорите засега не доведоа до конечен договор. Тоа ѝ отвори простор на Барселона да се вклучи во битката за еден од најпосакуваните фудбалери на летниот преоден рок. Наводно, и Ханси Флик лично му се јавил на Родри, да му потенцира дека го посакува во својот тим.

Родри влегува во последната година од договорот со англискиот шампион, а досега не покажал подготвеност да ја продолжи соработката. Манчестер Сити не брза со продажбата, свесен дека интересот за искусниот играч за врска може дополнително да ја зголеми неговата цена.

Според шпанските медиуми, раководството на Барселона веќе разговарало со агентите на Родри за можните финансиски услови и неговата подготвеност да се пресели на „Камп Ноу“. Во меѓувреме бил воспоставен и првичен контакт со Манчестер Сити, иако официјална понуда сè уште не е испратена.

Во Барселона сметаат дека Родри би бил идеално засилување за тимот на Ханси Флик. Покрај тоа што би добил клучна улога во средниот ред, неговото доаѓање би му овозможило повторно да настапува во Ла Лига и да дели соблекувална со голем број соиграчи од шпанската репрезентација.

Интересот на каталонскиот клуб дополнително се засили по тешката повреда на Френки де Јонг. Холандскиот репрезентативец ги оштети лигаментите на десното колено и го очекува подолга пауза, поради што Флик остана без еден од најважните играчи во средниот ред.

За да го реализира ваквиот трансфер, Барселона најверојатно ќе мора да продаде неколку фудбалери и да ослободи простор во буџетот. Според шпекулациите, Манчестер Сити би можел да бара меѓу 60 и 75 милиони евра, иако конечната сума ќе зависи од развојот на преговорите.

Познатиот трансфер експерт Фабрицио Романо истакнува дека и Реал Мадрид и Барселона се финансиски подготвени да ја платат бараната отштета.

„Обештетувањето не е проблем. И двата клуба можат да ја платат сумата што ја бара Манчестер Сити. Сега сè зависи од Родри и од тоа каде сака да ја продолжи кариерата“, објави Романо.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови