
Баер Леверкузен, минатогодишниот освојувач на двата домашни трофеи кои ги освои без ниту еден пораз, а оваа сезона ќе ја заврши на второто место во Бундес-лигата, би можел да остане без клучните творци на тие успеси во летниот преоден рок. Германските медиуми пренесуваат дека сите нив ги посакува најголемиот ривал, Баерн Минхен.
Баерн не само што им го одзеде насловот шампион на Германија, туку сега сака да доведе и тројца од главните фудбалери на Леверкузен. Главна цел на Баварците е 22-годишниот креативен офанзивец Флоријан Вирц, кој оваа сезона во Бундес-лигата постигна десет голови и имаше исто толку асистенции.
Имајќи предвид дека Вирц има договор со Баер до 2027 година, германските медиуми проценуваат дека клубот би можел да бара и до 100 милиони евра отштета.
„Билд“ објави дека Вирц, во случај на заминување, ја преферира опцијата да се пресели токму во најтрофејниот германски клуб, Баерн Минхен.
Во Баерн би можел да се пресели и искусниот 29-годишен германски дефанзивец Џонатан Тах, кој е дел од Баер Леверкузен речиси цела деценија и кому договорот истекува на крајот од сезоната. Тој веќе минатата година беше на чекор до трансфер во Минхен, но договорот пропадна во последен момент.
Според „Билд“, раководството на Баерн нашло уште еден засилување во редовите на Баер Леверкузен, 29-годишниот чешки напаѓач Патрик Шик. Во Минхен го гледаат како втора напаѓачка опција зад нивниот најдобар стрелец Хари Кејн.
Патрик Шик оваа сезона постигна 19 голови, пет помалку од Кејн. Тој пристигна во Леверкузен во 2020 година и досега има 79 голови на 166 официјални натпревари.
И Шик и Вирц имаат договори со клубот до летото 2027 година.
Покрај можното заминување на клучните играчи, раководството на Баер се соочува и со веројатно заминување на тренерот Чаби Алонсо, кој неколкупати одби да го продолжи договорот. Тој најави дека ќе разговара со управата по завршување на сезоната.
Многумина веќе го „преселија“ на клупата на Реал Мадрид, доколку Карло Анчелоти ја напушти функцијата. Истовремено, германските медиуми објавија дека челниците на Баер Леверкузен имаат договор со холандскиот стручњак Ерик тен Хаг за преземање на тимот, ако Алонсо си замине.

-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА СЕЗОНАТА ВО ПРВАТА ЛИГА
Шкендија ја освои шампионската титула во Првата лига, а излез во Европа и настап...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ НА СЕЗОНАТА: Бесарт Ибраими (Шкендија)
Тој е човек – титула. Каде игра Бесарт, тимот ја освојува шампионската круна. Така...
Автор makfudbal