Connect with us

Астон Вила може да обезбеди и шести тим од Премиер – лигата да игра во ЛШ

Претставувањето на Астон Вила до крајот на сезоната може да се покаже пресудно за тимовите од Премиер – лигата кои се стремат кон учество во Лигата на шампионите следната сезона. Од денешен агол, Челси е тимот кој посебно се потпира на клубот од Бирмингем.


Во моментов тимот на Унаи Емери го зазема четвртото место на табелата и самоуверено гледа кон Лигата на шампиони, особено откако Премиер – лигата веќе си обезбеди дополнително место во натпреварувањето преку настапите на англиските клубови.


Паралелно со тоа, Астон Вила е на полуфинале во Лига Европа и тимот може да си обезбеди место во ЛШ и преку триумф во второто по квалитет натпреварување на УЕФА. Дали ова автоматски ќе донесе и шести учесник од Премиер – лигата во најпрестижното клупско натпреварување? Тоа зависи од крајното рангирање на Астон Вила во првенството.


Ако тимот од Бирмингем остане во Топ 4 и ја освои Лига Европа, тогаш ништо нема да се промени за останатите англиски клубови. Тогаш дополнителното место ќе отиде за тимот со најдобар коефициент во квалификациите на Лигата на шампиони. На денешен датум тоа е Бриж.


Во случај Астон Вила да заврши на петтото место во крајното рангирање на Премиер – лигата и да ја освои ЛЕ, тогаш дополнителното место за англискиот фудбал ќе отиде за шестопласираниот. Во моментов тоа е тимот на Челси. Лондончани веќе сериозно заостануваат зад Ливерпул и Астон Вила во битката за место во Топ 5, така што нивните надежи за учество во Лигата на шампиони во голема мера минуваат низ ова сценарио.


Тоа, сепак, не е важно само за Челси, туку и за Брентфорд и Борнмут, кои никогаш досега не играле во Лигата на шампионите, но во моментов имаат ист број поени со Челси. Брајтон пак вечерва игра против „сините” и може да ги помине доколку победи. Евертон и Сандерленд исто така не се далеку.


Интересно е тоа дека следниот месец Челси гостува на Ливерпул и при одредени околности може да има поголема корист да изгуби на „Енфилд” со цел „црвените“ да ја поместат Астон Вила од четвртото место и тоа да им даде шанса на „сините” да играат во Лигата на шампионите преку шестата позиција. Тоа, сепак, е поврзано со многу услови — Челси да ја задржи шестата позиција, а Астон Вила да триумфира во Лига Европа.


Сигурно е, сепак, дека финишот на сезоната во Премиер – лигата се очекува да биде многу интересен, бидејќи интригата останува жива на многу нивоа — битката за титулата, за местата кои даваат право на учество во ЛШ и останатите европски натпреварувања, па дури и за тоа кој ќе му прави друштво на Вулверхемптон во Чемпионшип следната сезона.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови