Connect with us

Артета сака најмалку четири нови засилувања за сезоната во која Арсенал ќе ја брани титулата

Арсенал по поразот во финалето на Лигата на шампионите веќе го насочува вниманието кон летниот преоден рок, во кој клубот планира сериозно да го засили ростерот. Микел Артета побарал од раководството „голема амбиција“ и доведување на засилувања на најмалку четири позиции – на левото крило, напаѓачката линија, десен бек и во средниот ред.

И покрај тоа што финансиските проекции за сезоната се исклучително високи и се движат околу 890 милиони евра приходи, од кои значаен дел доаѓа од телевизиските права, во клубот сметаат дека ќе мора да има и продажба на дел од фудбалерите за да се одржи рамнотежа во буџетот. Артета верува дека борбата за титулата во Премиер – лигата и силниот настап во Европа ќе бидат доволни аргументи за сопствениците да одобрат дополнителни инвестиции.

Како можни заминувања се споменуваат Габриел Мартинели, Леандро Тросар, Бен Вајт и Габриел Жесус. За Жесус постои интерес од други клубови, а Арсенал е подготвен да го разгледа неговото заминување доколку пристигне понуда над 20 милиони евра.

На трансфер-пазарот, Барселона го следи Пјеро Хинкапи, кој блесна во финалето против Пари Сен Жермен. Еквадорецот, кој пристигна од Баер Леверкузен за 52 милиони евра, се чувствува стабилно во Лондон, но интересот од Каталонија може да ја отвори вратата за промена.

Арсенал паралелно следи повеќе опции, меѓу кои Виктор Валдепењас од Реал Мадрид, како и Тино Ливраменто и Сандро Тонали од Њукасл. На листата се и Морган Роџерс од Астон Вила и младиот напаѓач Ели јуниор Крупи од Борнмут, за кого веќе постои силна конкуренција од европските гиганти.

Интерес постои и за Хулијан Алварез од Атлетико Мадрид, но неговата желба е преселба во Барселона, додека отштетата од околу 140 милиони евра претставува голем предизвик за каталонскиот клуб.

Во ваква ситуација се споменува и Маркус Рашфорд, кој сака да остане во средина каде што ќе има континуитет под водство на Артета, но доколку ја напушти Барселона, Арсенал би можел да влезе во трка со неколку европски гиганти.

Како дополнителни опции се разгледуваат Игор Тијаго од Брентфорд и Матеус Фернандеш од Вест Хем, додека голем интерес има и за 16-годишниот талент Џереми Монга од Лестер, за кого се очекува битка со Манчестер јунајтед.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови