Connect with us

Арсими ја изненади Шкендија, Тиквеш извлече против бод против Струга ТЛ

Шкендија продолжи да губи бодови во трката за врвот, откако и втор натпревар во низа не успеа да го претвори во победа. По поразот од Тиквеш на домашен терен, тетовци денеска имаа предност од два гола на гостувањето кај Арсими, но на крајот мораа да се задоволат со реми 2-2.

Избраниците на Артим Положани имаа одлична позиција за да стигнат до трите бода, но не успеаја навреме да го затворат натпреварот. Шкендија доминираше, создаваше шанси и имаше водство од 0-2, но серијата неискористени можности на крајот скапо ја чинеше.

Главниот момент во првиот дел беше потегот на Бесарт Ибраими. Капитенот со маестрален слободен удар го совлада домашниот голман и донесе водство за Шкендија.

Ибраими потоа повторно беше во центарот на вниманието. По неговиот центаршут и несигурната реакција на голманот на Арсими, Малиќи најдобро се снајде во шеснаесетникот и со глава зголеми на 0-2.

Наместо да продолжи во истиот ритам и да стави точка на натпреварот, Шкендија дозволи домаќинот да се врати непосредно пред паузата. Рамани одби една топка, а Контрерас ја дочека и погоди за 1-2.

Во второто полувреме Шкендија повторно беше поопасна и имаше можности да ја врати двојната предност. Нзенгуе имаше две одлични прилики за 1-3, но не ги реализираше.

Казната стигна по нова голема грешка на гостите. Шкендија загуби топка во сопствениот шеснаесетник, а Контрерас повторно беше немилосрден. Со прецизен удар го совлада Рамани и израмни на 2-2.

До крајот тетовци не успеаја повторно да го најдат патот до мрежата, па од натпревар во кој имаа водство од 0-2 останаа со само еден бод.

На вториот попладневен натпревар, Тиквеш и Струга ТЛ одиграа возбудливи 2-2 во Кавадарци.

Лусијанињо го отвори резултатот за домаќините, но Струга ТЛ потоа презеде целосна иницијатива и со головите на Агамах и Радески направи пресврт.

Гостите постигнаа и трет погодок, но тој беше поништен поради минимална офсајд-позиција.

Кавадарчани сепак не се предадоа и во самиот финиш стигнаа до израмнување. Ренатињо го совлада голманот на Струга ТЛ за конечни 2-2 и поделба на бодовите.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови