Connect with us

Аргентина со спектакуларен пресврт ја урна Англија и ќе ја брани светската титула (ВИДЕО)

Аргентина ќе ја брани титулата светски шампион! „Гаучосите“ со голем пресврт ја совладаа Англија со 2-1 во полуфиналето на Светското првенство и обезбедија место во големото финале.

Дуелот на „Мерцедес-Бенц стадион“ во Атланта не понуди речиси ништо во првото полувреме, но затоа возбудувањата пристигнаа по паузата. Англија прва дојде до водство, но одлуката на Томас Тухел да го повлече својот тим во дефанзива на крајот скапо го чинеше.

Во првите 45 минути доминираа тактиката, цврстата игра и тензиите. Имаше остри дуели, прекршоци и турканици, но речиси и да немаше вистински шанси пред двата гола. Единствениот обид вреден за издвојување го имаше Енцо Фернандез, но без посериозна опасност.

Сликата на теренот целосно се промени во второто полувреме. Аргентина тргна многу поагресивно, а првата голема можност ја имаше Хулијан Алварез, чиј удар го одбрани Џордан Пикфорд. Набргу потоа се обиде и Лионел Меси, но без успех.

Токму во моментите кога Аргентина ја презеде контролата, Англија казни од контранапад. Морган Роџерс испрати одлична топка зад аргентинската одбрана, а Ентони Гордон го совлада Емилијано Мартинез за водство од 1-0 во 52. минута.

По постигнатиот гол, Тухел одлучи целосно да го повлече својот тим и Англија премина во длабока дефанзива. Тоа ѝ овозможи на Аргентина да изврши огромен притисок кон голот на Пикфорд.

Нико Гонзалез ја имаше првата голема можност, а потоа Алексис Мекалистер ја погоди стативата. Англичаните сè потешко го издржуваа притисокот, а казната пристигна во 85. минута.

По корнерот, Лионел Меси ја пронајде топката до Енцо Фернандез, кој со прекрасен удар од околу 20 метри го совлада Пикфорд и израмни на 1-1.

Аргентина не се задоволи со продолженија и продолжи да напаѓа. Наградата за храбриот пристап стигна во 92. минута. Меси повторно беше асистент, овојпат со прецизен центаршут во шеснаесетникот, а Лаутаро Мартинез со удар со глава ја затресе мрежата за конечни 2-1 и огромна радост меѓу аргентинските навивачи.

Аргентина со голем пресврт го продолжи походот кон одбрана на светската круна и во финалето ќе се соочи со Шпанија.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови