Англија со убедлива победа од 3-0 над Костарика ја заврши подготовката за настапот на Светското првенство и испрати јасна порака пред почетокот на турнирот. Избраниците на Томас Тухел доминираа од првата до последната минута и лесно можеа да слават со уште поубедлив резултат.
Натпреварот во Орландо беше под знак прашалник поради силното невреме што го зафати градот непосредно пред почетокот. Поројниот дожд и грмежите го натераа организаторот да го одложи стартот за еден час, но откако теренот беше проверен, средбата сепак се одигра.
Англичаните тргнаа офанзивно уште од самиот почеток и поведоа во 10. минута. Деклан Рајс ја започна акцијата, а по одличното проигрување од Ентони Гордон, играчот од средниот ред прецизно погоди за 1-0.
„Трите лава“ продолжија целосно да ја контролираат играта, создавајќи шанса по шанса пред голот на Патрик Секеира. Хари Кејн се закани со удар со глава, Џуд Белингам и Нони Мадуеке постојано создаваа проблеми за одбраната на Костарика, но резултатот остана непроменет до паузата.
Во второто полувреме Англија не го намали темпото. По еден час игра Тухел направи неколку измени, а свежите сили веднаш донесоа нова енергија. Во 66. минута Џуд Белингам одлично го пронајде Еберечи Езе, чиј удар беше запрен со рака од противнички дефанзивец. По интервенцијата на судијата беше досуден пенал, а Гордон сигурно реализираше за 2-0.
До крајот Англија продолжи да напаѓа и да создава можности. Морган Роџерс неколкупати беше блиску до погодок, a во 87. минута токму тој учествуваше во акцијата за третиот гол. Неговиот удар го одби резервниот голман на Костарика, а Оли Воткинс најдобро се снајде и со удар со глава ги постави конечните 3-0.
Со оваа победа Англија ја заокружи подготовката за Мундијалот на најдобар можен начин. Тоа беше и најефикасниот настап на тимот во 2026 година, откако на претходните три контролни средби постигна само два гола. Сега вниманието на Тухел и неговите фудбалери е насочено кон првиот натпревар на Светското првенство, каде ги очекува дуел против Хрватска.
-
„Макфудбал“ е официјален медиумски партнер на „Адриa Фудбал Форум 2026“
Оваа година „Макфудбал“ е официјален медиумски партнер на „Адриа Фудбал Форум“, еден од најважните...
Автор makfudbal
-
ФИЛИП ЛАМ ексклузивно ЗА МАКФУДБАЛ: Германија мора повторно да го пронајде својот идентитет
Шокиран сум. Германија по третпат по ред е елиминирана во раната фаза на едно...
Автор makfudbal
Евро-фудбал
Меси „невидлив“ на почетокот против Шпанија!













